Додека пред неколку дена поранешниот шеф на Еф-би-ај Џејмс Коми сведочеше пред Сенатот, едни од најбудните во врска со она што го кажа тој беа вработени во - речникот на англиски јазик Меријам-Вебстер.
Lordy, I hope there are tapes! (Боже-Господе, се надевам дека има снимки!) изјави тој во врска со можноста неговите разговори со Трамп да биле снимени. И оп! - речникот веднаш објави твит со линк до објаснување на „лорди“ - збор кој се користи за засилување на одреден став, или за изразување изненадување.
Меријам-Вебстер не можеше да начека подобар повод за да ја промовира својата работа од оној кога Трамп стана претседател и почна масовно да ги користи социјалните мрежи. Корегирајќи ја неговата синтакса и спелување, секако со соодветна доза иронија во однос на писменоста на „таткото на нацијата“, речникот на Твитер од скромни неколку илјади денес брои скоро 530.000 следбеници, кои заради тролањето на Трамп ете се заинтересираа и за граматика.
Наречен „рај за тролање“ за лексикографите, твитер профилот на Трамп е полн со коректорски и лекторски, а често и фактички грешки (како кога тврдеше дека измислил некоја фраза, а таа всушност датира од 19 век). Заради колоквијалниот јазик кој понекогаш го користи, неговите твитови се и добар повод за објаснување на помалку познати изрази од англискиот. Така, кога Трамп објави на Твитер дека Русите „сигурно си се смешкаат во ракав“ ("laugh up one's sleeve") заради одлуката за отпуштање на спомнатиот Коми, Меријам-Вебстер веднаш објави твит со објаснување на фразата. Сепак, кога претседателот погрешно ќе спелува збор, тие не му остануваат должни, како во горниот случај, кога тој наместо „адвокат-советник“ (counsel) напиша „совет“ (council).
Уредникот на речникот изјавил дека нивниот твитер профил го одразува вообичаениот начин на кои вработените си зборуваат во канцеларија и вицовите кои притоа ги прават. Само што овој пат тие се насочени кон еден од најмоќните луѓе на планетава. Кој не е баш по јазикот.