Минатиот месец од имот во Кингс Хит, Бирмингем, беше украден „приквел“ на „Хари Потер“. Долг само 800 зборови, тој е напишан на две страници А5 разгледница од авторката Роулинг. Полицијата бара каква и да е информација во врска со неговата евентуална продажба, која би овозможила влегување во трага на текстот кој Роулинг го напиша за локална добротворна организација за дислексија, а беше продаден на аукција за околу 30.000 евра.
Ова секако не е единствен случај на вредни, важни или ретки ракописи кои биле украдени и одземени, или од поединци, или од институции кои требало да се грижат за нив. Еве неколку од нив:
Куфер на Хемингвеј полн текстови украден на париска железничка
Во 1922, Хемингвеј бил млад дописник со големи соништа, нестабилен брак и куп необјавени дела. Последните две биле доведени во прашање по малерозно патување во Лозана, Швајцарија. Таму тогаш младиот автор заминал за да покрива меѓународна конференција, а потоа со жена му Хедли, која требала да дојде од Париз, да одат на скијање. Пред поаѓањето таа му ги спакувала ракописите на мажа си во куфер - вклучително и еден обид за роман кој тој го напишал врз основа на искуството како возач на амбулантно возило во Првата светска војна, и тргнала на пат, со мисла дека тој би можел да пишува додека се на одмор. Но по пат куферот бил украден, а поголемиот дел од напишаното никогаш веќе не бил пронајден.
Хемингвеј вака го опишува моментот во својот мемоар од 1964:
Никогаш не сум видел некој толку повреден од нешто што не е смрт или неподносливо страдање, како Хедли кога ми кажа дека работите ги нема. Плачеше и плачеше и не можеше да ми каже. Ѝ реков да не се секира, дека без оглед колку е страшно тоа што се случило не може да биде толку лошо. Потоа, конечно, ми кажа. Бев сигурен дека не ги понела и копиите, па замолив некого да ме замени, и заминав со воз за Париз. Сепак тоа што го кажа Хедли (дека исчезнало сè) беше вистина, и се сеќавам што направив ноќта откако влегов во станот и открив дека тоа е така.
Иако никаде понатаму не открива што е тоа што го направил, претпоставката е дека едноставно се напил од тага.
Тетратките и писмата запленети од страна на нацистите
Откако Кафка умрел од туберклоза во 1924, неговата љубовница Дора Диамант задржала 20 од неговите тетратки кои содржеле идеи и скици, како и 35 негови писма. Но по претрес во нејзината куќа во Берлин Гестапо ги конфискувал сите документи, па и овие од Кафка.
Во доцните 1990-ти биографот на Диамант и државниот универзитет од Сан Диего го почнаа Проектот Кафка, потрага по овие исчезнати документи. По две децении копање низ национални архиви на повеќе земји, таа уште не е завршена - во моментов во тек е обезбедување пристап до таен берлински архив, кое е последното (или барем - претпоследното) место каде би можеле да бидат овие вредни документи.
Делата на Волт Витман украдени од Конгресната библиотека
Во 1918 пријателот на Витман Томас Б. Харнд доставил до Конгресната библиотека збирка од 24 тетратки кои некогаш му припаѓале на авторот. Тие содржеле белешки од времето кога 19-вековниот поет работел како армиски болничар, рана верзија на неговата славна „Песна за себеси“ и скица за воена поема.
Во 1942 голем број библиотечни единици, вклучително и овие тетратки, биле испратени во Охајо за чување во текот на Втората светска војна. Од тогаш тие со децении се сметаа за исчезнати, додека еден анономен маж не откри четири од нив помеѓу документите по смртта на татка си. Единствено што знаел за нив е дека татко му ги добил на подарок 30 години претходно. Сепак, тој не можел да ги продаде бидејќи се воделе како украдени предмети. Аукциската куќа каде биле понудени ги вратила во Конгресната библиотека, но шест од нив се уште недостасуваат.
Еден од „Првите свитоци“ на Шекспир „собран“ од британска библиотека
Првото издание на собраните драми на Шекспир излегло по неговата смрт, во 1623. Тоа е познато како „Првиот свиток“, заради големиот формат на хартија на кој биле отпечатени. Експертите сметаат дека тогаш биле направени само 750 копии, а денес се знае за постоењето на само 233 од нив. Секој од оригиналните свитоци вреди милиони долари, па тоа е веројатно причината зошто во 1998 некој украл еден од нив од библиотеката Дархам во Англија.
Една деценија подоцна свитокот е донесен за проценка во библиотека специјализирана за дела на Шекспир во Вашингтон. Човекот кој го донел тврдел дека го добил како подарок во Куба од пријател чија мајка ја чувала „старата англиска книга“ во сандак. Подоцна тој е уапсен, и иако никој не можел да докаже дека токму тој ја извршил кражбата, осуден е за криумчарење вредно дело вон Британија. Умрел во затвор во 2012.
Претходно: Лондонските крадци на книги