Џефри Бернард, британски новинар најпознат по неговата колумна Low Life во списанието Спектатор, како и по боемската кариера во лондонскиот Сохо, во неговите мемоари, покрај актерите, танчарите и пијаниците, опишува една посебна социјална група, со која често се среќавал по пабовите - крадци на книги.
Лондонските крадци со кои се дружел Бернард се „снабдувале" по книжарници, а робата ја продавале на трговец со книги на улицата Черинг Крос. Тој им плаќал само дел од продажната цена, па така тие за да опстанат морале да украдат книги вредни барем 50,000 фунти (околку 68,000 евра) годишно. Повеќето од нив сепак краделе и повеќе од тоа.
Да се биде фатен било професионален ризик, па крадците со претходни казни можеле да очекуваат краток престој во затвор, по што се враќале во продавниците терајќи си по старо. Еден од најозлогласените книгокрадци во Лондон бил некој по име Рој Фејт. Кога умрел, обезбедувањето на продавницата од кадешто тој најчесто крадел испратила претставник на погребот, бидејќи Рој им бил еден од најредовните посетители, со кого воспоставиле речиси интимен однос. Мал, дебеличок и ќелав (го замисливме како Дел Бој Тротер), тој специјализирал во уметнички монографии, ништо под 30 фунти. Секогаш доаѓал на два пати - прв пат да одбере книги и да ги натрупа на куп некаде кадешто не се гледаат. Половина час откако ќе заминел, се враќал и ги бутал во огромна торба. Заминувал без да биде забележан.
Сепак, кога некоја вработена му рекла да си оди од книжарницата и веќе да не се враќа, тој и се обратил со „курво" и глумел дека ќе ја удри. Целата сцена делувала баш како сцена од британска комедија - крадците на книги очигледно се поинаква, не толку насилна сорта.
Таков бил „колега" на Рој, по име Барни, кој бил толку шармантен, што кога ќе го притиснеле во коќ изгледал како дете со насолзени очи, фатено како лизнува од шлагот на тортата. Тој специјализирал во Атласите во издание на Тајмс (75 фунти парче) - добрата страна им била цената, но лошата им бил форматот, бидејќи биле тешки за криење. Ама Бери бил гение - тој си направил мантил за дожд со џепови во големина на Атласот, и така можел да украде два истовремено.
Секако, најдобрите крадци биле оние кои никој никогаш не ги фатил, ниту видел. А на оние пак кои биле фаќани често им се прогледувало низ прсти. Еден од ретките кои бил осуден се викал Роналд Џордан, и специјализирал во крадење туристички водичи. Не работел сам, туку имал тим, кој редовно му обезбедувал книги. Кога полицијата влегла во неговите простории нашле 17,500 парчиња, цела мала книжарница. Во банка пак во тој момент имал речиси еден милион евра.
Денес крадците на книги се веќе реткост, и заради подобрите безбедносни системи во книжарниците, но и заради интернет - што ќе ти е да крадеш монографија од 50 фунти ако истата ја има на Амазон за 20? Или Атлас кога има Google Earth? Книги уште крадат само оние кои наоѓаат некакво задоволство во крадењето воопшто, или можеби вистински љубители кои немаат пари да си ги купат. Што би рекол газда на една скопска книжарница - „некој да влезеше во книжарницава, макар да украде книга, ќе се правам дека не гледам“.