Станува збор за масовно непочитување, од страна на медицински научни списанија на англиски јазик, на меѓународни и актуелни етички стандарди, кои бараат донаторите на органи да дадат согласност за трансплантација.
Студијата е објавена денес, 05.02 во медицинското списание BMJ Open. Нејзинaта авторка, професорка по клиничка етика Венди Роџерс, изјавила дека истражувачите и клиничките лекари поврзани со истражувањата се служеле со „варварски“ методи на набавка на органи.
„Нема вистински притисок врз Кина да стане потранспарентна во однос на ова прашање. А пак сите инволвирани креваат раменици и како да велат `Тоа не е наша работа`. Молчењето на светот во врска со овој ужасен проблем мора да запре“, вели таа.
Извештај од 2016 пронајде голем јаз помеѓу официјалните бројки за трансплантации кои ги издава кинеската влада и бројот на реални трансплантации кои ги извршиле кинеските болници. Додека владата вели дека секоја година се изведуваат 10.000 трансплатанции, болничките податоци покажуваат бројка од 60-100.000. Извештајот обезбедува докази дека оваа разлика се должи на органи добиени од егзекутирани политички затвореници.
Во 2017 Европскиот парламент објави декларација која го осудува собирањето органи од политички затвореници и ги повика официјалните кинески власти да престанат со оваа практика.
Роџерс и нејзиниот тим ги издвоил сите истражувања кои се вршени врз кинески субјекти, а се објавени во престижни и рецензирани медицински научни списанија помеѓу јануари 2000 и април 2017. Станува збор за 445 студии кои вклучуваат 85.477 транспланти. Но 99% од нив не содржат податок дали донаторите ја имаат дадено својата согласност. и дали воопшто биле информирани дека се дел од некакво истражување
Иако претходно имало случаи на повлекување поединечни статии од оваа област заради сомнежи за неетичност, ова е прв пат некоја студија систематски да го истражува начинот на којшто академската фела се однесува кога е во прашање блокирањето на неетичкото истражување во областа на трансплантациите.