Електронската музика понекогаш е етикетирана како „роботска“ и еднодимензионална, таква која може да се консумира само во комбинација на алкохол и мрачни ноќни клубови. Ова клише ја вклучува и идејата дека жанрот води потекло од 1980-тите кога синтисајзерите и ритам машините станаа интегрален дел од поп музиката.
Но таа има многу подолга и пошаренолика историја, тема која сега е истражувана од изложба под наслов „Електро - од Крафтверк до техно“ која се отвори на почетокот на декември во Кустпаласт во Дизелдорф. Тоа е и некако логична локација, со оглед на тоа што токму во овој град се родија Крафтверк, чие влијание го обележа понатамошниот развој на овој жанр.
Првите експерименти со генератори на електронски звук се случиле во средината на 19 век а кулминирале со изработката на електромеханички пијана кои се сметаат за претходници на електронските клавијатури. Еден од најпознатите рани електронски инструменти бил „етерофонот“, подоцна наречен Теремин според својот изумител Леон Теремин. Звукот, развиен во 1920-тите во Русија, делува како да се појавува магично: невидливи електрични осцилации кои се создаваат помеѓу две антени, а на кои се „свири“ со рака.
Наскоро потоа Фридрих Траутвајн го создал „траутониумот“, претходникот на електронскиот синтисајзер, на кој се свирело не на клавиши туку на жици. Во 1935 се појавува органата Хамонд, како алтернатива на црковните оргули, и станува суштински дел на блузот, џезот и фанкот.
Во поствоениот период, американските композитори како Џон Кејџ и Стив Рајх ги поместиле границите на електроакустичната музика во Америка. Во меѓувреме во Европа, Карлхајнц Штокхаузен експериментирал со електронски звук користејќи прстенести модулатори и Хамонд органи во своето студио за електронска музика во Келн.
Во 1970-тите факелот е предаден на Дизелдорф, каде бендот Крафтверк, во своето студио Клинг-кланг, развил звук кој извршил огромно влијание врз музиката на денешнината. Следат авангардни рок и краутрок бендови, а од електронската музика биле инспирирани еден куп артисти, како Африка Бамбата, Џој Дивижн, Дипеш Мод и Дејвид Боуви. Изложбата ја следи оваа историја до најново време, опишувајќи ги и специфичните историски и општествени околности во кои таа се развивала.
Повеќе од 500-те артефакти во Кунстпаласт вклучуваат инструменти, домашно изработени генератори, фотографии, аудио снимки, видеа и графички дизајн. Изложбата најпрвин била одржана во Музејот на музика во Париз, а била направена во тесна соработка со ко-основачот на Крафтверк, Ралф Хутер. Таа ќе биде отворена до 15 мај 2022.