„Континуираните напади и општетувања кои почнаа да се случуваат со зголемена зачестеност, а поради кои страда нашето уметничко и културно наследство, бара од нас да го реобмислиме и да го засилиме нивото на заштита“, изјави во соопштение новиот министер за култура на Италија, Џенаро Санџулијано. „Тоа ќе доведе до спроведување итни мерки, започнувајќи со покривање на сите слики со стакло, но поради големите трошоци и до можно зголемување на цената на билетите“.
Изјавата следи по неколку инциденти во кои членови на организација под име „Последна генерација“ (Ултима генерационе) фрлија супа со грашок на дело на Ван Гог во Рим; се залепија за „Лаокон и неговите синови“ во Ватиканскиот музеј и за „Пролет“ на Ботичели во Фиренца. Барањата на оваа еколошка група ги рефлектира и оние на другите организации кои изведоа вакви протести низ светот: тие сакаат Италија целосно да го укине фосилното гориво и да го зголеми производството на обновлива енергија. Во најнов протест од 18 ноември тие фрлија брашно врз автомобил насликан од Енди Ворхол во миланскиот културен центар „Фабриа дел Вапоре“.
Тоа е уште еден во низата меѓународни инциденти кои го потресоа уметничкиот свет оваа година. Во последниве шест месеци активисти од Австралија, Канада, Англија, Германија, Италија, Холандија и Шпанија се залепија на слики или фрлија различни нешта врз познати уметнички дела, како пире, супа или лигава течност. Ниту едно од делата за среќа не претрпи голема штета. Што се однесува до учесниците во протестите, до сега најголемата казна за нив - два месеца затвор- е изречена на двајца активисти од Холандија.