Брајан Ино во седумдесетите имаше албум „Музика за аеродроми", првиот во историјата на музиката експлицитно означен со жанрот „амбиентална музика". Направен како звучна инсталација, негова цел беше да ја намали тензичната атмосфера на аеродромските терминали, поттикнувајќи зен чувства кај патниците.
Слична идеја има лондонскиот аеродром Хитроу, само не со музика туку со - поезија. Тројца познати британски поети за деца ќе напишат нови песни за новоинсталираните „поетски точки" на аеродромот. Темите се - разбирливо - одење на одмор, запознавање нови земји и возбудливи авантури.
Поезијата ќе се пренесува преку звучници, но ќе може да се слушне само доколку се застане точно до нив, за да не се вознемируваат дополнително оние патници на кои поезијата повеќе им пречи отколку што им го смирува стресот. Истовремено, Хитроу организира велигденски поетски натпревар и поетски работилници на самите терминали за деца под 16 години.
Еве некои од стиховите кои ќе бидат емитувани, во оригинал:
"I may be a suitcase
but I want to be free
I want to go to the beach,
and swim in the sea"
За Велигден низ Хитроу минуваат огромен број семејства, па во сета таа гужва и можни одложувања на летовите добро е да се има начин како децата да бидат мирни барем некое време. Не можеме да замислиме наше дете да седи мадро заради вакви рими, но вреди да се проба.