„Масовна Поезија" (MassPoetry), организација формирана во 2009, по повод Националниот месец на поезијата (април) почна да „испишува" стихови на неколку локации во Бостон. Проектот е наречен „Дождлива поезија", затоа што напишаното станува читливо само кога врне. Локални уметници изработиле стенсили од поезијата, и со користење на биоразградлив спреј кој одбива вода на асфалтот нанесуваат одбрани стихови. Спрејот исчезнува кога ќе се исуши, па песните се невидливи - сè до моментот кога ќе заврне.
Стиховите се од неколку различни автори, но сите тие имаат некаква врска со Бостон. Нив ги одбрала Даниел Легрос Џорџс, поет-лаурет на градот.
Ова не е прв пат финтата да се применува за улична уметност. Минатата година група уметници од Сиетл на тротоарите на градот поставија неколку привремени слики, за да им го разубават денот на минувачите. Видете го процесот во видеото.