Ланцман, кој почина неодамна на 92 години, со седумнаесет бил член на француското движење на отпорот. Како зрел маж бил љубовник на Симон де Бовоар, а со неа и со Сартр го основал литературното списание „Модерни времиња“. Но и покрај сите други нешта со кои се занимавал во животот, неговото име секогаш ќе биде поврзувано пред сè со деветиполчасовниот „Шоа“ (хебрејски назив за холокаустот), неговото најголемо кинематографско остварување, кое според многумина ја променило историјата на документарниот филм но и на филмот воопшто.
Филмот го претставува холокаустот преку индивидуални сведоштва - интервјуа со членови на „зондеркомандо“ - работни единици во концентрациони логори кои биле составени од затвореници, главно Евреи, а кои биле терани да помагаат во убивањето на нивните сонародници во гасните комори.
Целосниот материјал, кого го собирал цели 11 години, изнесувал 350 часови сведоштва, кои подоцна ги употребил и за други филмови. Човекот на постерот за „Шоа“ е Хенрик Гавковски, полски железничар кој работел на возовите кои воделе кон Треблинка. Помеѓу другите интервјуирани бил и Абрахам Бомба, кој преживеал како бербер во логорот, и Филип Милер кој работел како „палач“ на мртвите тела по нивното задушување со гас. Филмот ги содржи и исказите на СС офицерот Франц Зухомел, кој за 500 тогашни германски марки прифатил да биде интервјуиран но не и да биде сниман. Ланцман сепак употребил скришна опрема за снимање, иако не го обелоденил во самиот филм името на соговорникот.
Филмот е добитник на бројни награди. Франсоа Митеран, инаку личен пријател на Ланцман, бил присутен на премиерата во Париз кога бил претседател на Франција. Вацлав Хавел го гледал во затвор. Горбачов го гледал кога бил прикажан во СССР. Единствено бил критикуван во Полска, каде е наречен провокација заради имплицитното тврдење дека Полјаците на некој начин биле соучесници во холокаустот, со оглед на тоа што полските селани не реагирале на она за што знаеле дека се случува во нивната средина, вртејќи му го грбот на чадот што излегувал од крематориумите.
Самиот Ланцман бил Евреин, и долго време подржувач на левицата и остар противник на француските колонијални војни. Сепак подоцна ја поддржал десницата, како во неговиот документарец за израелските сили на одбрана од деведесетите. На прикажувањата во Париз биле фрлани гасни бомби во знак на протест. Неговата биографија содржи и други контроверзни моменти, кои излегуваат на виделина дури сега, по неговата смрт, како на пример обвинувања за сексуални малтретирања од страна на неколку новинарки и негови соработнички, кои реагираат на описот на Ланцман во француските медиуми како „боем“ и „мераклија по жени“.
Без оглед на ова, тој останува авторот на ангологискиот филм за холокаустот кој има повлијаено не само на филмаџиите, туку и на историчарите и истражувачите на оваа тема. Неговиот филм на моменти е неиздржлив за гледање. Но има и моменти на неверојатно чувство на надеж и победа. Како кога преживеаниот Евреин од Крф покажува игра од логорот, со онакво парче хартија кое кога се мрда со четири прсти открива две слики - во случајов или четири свињи, или еден Хитлер.
Првиот дел од филмот, со српски и англиски титл (4.5 часа)