
Роден во Глазгов во 1929 година, Алесдер Макинтаир студирал класични јазици и филозофија во Лондон и Оксфорд. Академската кариера ја започнал во 1950-тите, а предавал на некои од најпрестижните универзитети во светот, вклучувајќи ги Оксфорд, Јеил, Принстон, Бостон и Универзитетот Нотр Дам, каде што работеше сè до своето пензионирање.
Негово највлијателно дело е „По доблеста“ (After Virtue, 1981, кај нас издадена од Табернакул во превод на Драган Јакимовски). Низ историски но и критички преглед, тој се обидува да ја промовира доблестната етика на Аристотел во современ контекст. Современата морална мисла е во состојба на длабока конфузија и распад, тврди Мекинтаир, а моралниот јазик што го користиме (термини како „должност“, „права“, „праведност“) го има загубено својот корен – тој е само фрагмент од некогаш кохерентен систем кој веќе не постои.
Мекинтаир предлага враќање кон етиката на доблестите (virtues) – начин на мислење што бил централeн за Аристотел. За разлика од апстрактни правила, доблеста според него е поврзана со карактерот на поединецот, праксата и заедницата. Далеку од тоа да биде филозоф затворен во теорија, тој силно верувал дека етиката е прашање на живеење – на начин на живот во заедница заснован на грижа, меѓусебна зависност и заедничка доблест. Неговото дело останува суштински повик за размислување надвор од индивидуализмот и релативизмот што го карактеризираат нашето време.
Интелектуалниот пат на Мекинтаир вклучувал низа лични преиспитувања: од младински марксист и критичар на религијата, до римокатолички верник (одел секој ден на миса, но самиот не сакал да прима причест бидејќи бил разведен). Во едно интервју има изјавено дека „откривањето на Тома Аквински“ било најважната пресвртница во неговото зрело мислење. Иако никогаш не стекна докторат – за што често знаел со иронија да се пофали – доби бројни почесни титули и признанија.