Нем филм за Шерлок Холмс, со омилениот актер на Артур Конан Дојл во оваа улога, Илај Норвуд, за прв пат ќе биде прикажан по премиерата во 1922.
Со наслов „Златниот монокл“ (The Golden Pince-Nez), тој раскажува класичен случај од широката лепеза на Холмс, базирана на краток расказ на Конан Дојл кој прв пат бил објавен во списанието Стренд во 1904.
Тоа е една од големиот број филмски адаптаци во кој истиот актер го портретирал славниот детектив и неговиот дедуктивен метод, со чија помош ја заклучува вистината врз основа и на најмалите назнаки.
Конан Дојл за актерот има изјавено: „Неговото прекрасно толкување на Холмс ме воодушеви. Норвуд го има тој редок квалитет кој може да се опише само како гламурозност, што ве тера да го гледате дури и кога не прави ништо. Има навистина неспоредлива моќ на трансформација“.
Светската премиера на реставрираната копија ќе се случи на 16 октомври како дел од Лондонскиот филмски фестивал организиран од Британскиот филмски институт.
Норвуд инаку бил сериозен театарски глумец кој при создавањето на улогите навистина влегувал во нив до степен што се однесувал како нив и во приватниот живот. Во конкретниов филм станува збор за комплициран заплет - има убиство на секретарката на познат професор, а детективите во нејзината рака имаат пронајдено само еден златен женски монокл, врз основа на кој Холмс го решава случајот.
Таа е помеѓу 45-те епизоди, секоја со по 30 минути, кои Норвуд ги направил помеѓу 1921 и 1923, при што снимил и два играни филма. Премиерата ќе вклучи уште две реставрирани епизоди - „Скандал во Бохемија“ во која Холмс некарактеристично се заљубува, и „Финалниот проблем“ во кој Холмс го среќава својот архи-непријател, Моријарти. Проекциите ќе бидат придружени со музика во живо.