Денес, 20.09, непосредно пред вонредниот климатски самит на ОН, милиони луѓе од над 150 земји од светот излегоа на улиците за да протестираат против непреземањето мерки за борба против климатските промени од страна на нивните влади. „Климатска правда за секого“ е мотото под кое се повикува на итно дејствување за запирање на горењето фосилни горива и обезбедување енергетска револуција која во својата основа ќе ја има токму правичноста.
На почетокот на месецов, кога протестите почнаа да се најавуваат, Џонатан Франзен објави текст во Њујоркер (го пренесовме тука) кој судејќи само според насловот може да се сфати погрешно. „Што ако престанеме да се преправаме?“ се однесува на нашата неспособност да превенираме климатска апокалипса. Звучи дефетистички, како однапред да го анулира секој обид да за протест и активизам.
Но оние кои навистина го прочитаа текстот ја сфатија пораката - јавното признавање дека проблемот е енормен и во суштина нерешлив може ефикасно да ги пренасочи парите кои се вложуваат во прескапи а неефикасни „еко“ проекти кон програми за обука при катастрофи, репарациии за погодените земји и идна хуманитарна помош. И тоа не треба да ги поништи индивидуалните залагања, бидејќи тие би требало да продолжат, дури и ако спасение нема.
Да не се конзервира ограничен ресурс кога постојат мерки за конзервација, непотребно да се трупа јаглерот во атмосферата кога добро знаеме што се последиците, е едноставно погрешно. Иако дејствата на поединецот имаат нула ефект врз климата, тоа не значи дека тие се бесмислени. Реформацијата, кога апокалипсата била само идеја, а не грозното конкретно нешто какво што е таа денес, го поставила клучното доктринално прашање: дали треба да правиш добри нешта само за да влезеш во Рајот, или треба да ги правиш заради нив самите. Рајот можеби е под знак прашање, но ти знаеш дека ОВОЈ свет би можел да биде подобар доколку секој се однесува така.
Во спомнатиот текст Франзен се повикува на нова книга, „Земјата на која не може да се живее“ од Дејвид Валас-Велс, опишана како „брутален портрет на климатските промени и на нашата иднина на Земјата“. Иако знаеме дека глечерите се топат, инсектите исчезнуваат, дека се случуваат поплави од библиски размери и дека исчезнуваат цели крајбрежни градови, Валас-Велс е тука за да ни каже дека сепак немаме поим за што зборуваме. Со морничав тон да ни соопшти дека е „полошо, многу полошо, отколку што мислиме“.
Книгата е всушност резултат на статија на авторот објавена во 2017 во Њујорк Магазин која стана толку популарна, што списанието мораше да објави и анотирана верзија, со цитати од научници, фусноти и објаснувања на аргументите. Таа содржи 12 кратки и брутални поглавја, секое со наслов кое ја претскажува мрачната иднина: „Смрт од жештина“, „Океани што умираат“, „Воздух што не може да се дише“, „Чума на загревањето“, и кои сами по себе предизвикуваат паничен напад.
Но притисокот врз конфорната зона на читателот немилосрдно продолжува со секоја статистика и секој изнесен факт - на пример дека повратен лет од Лондон до Њујорк чини три квадратни метри мраз; дека за секој половина степен загревање општествата се соочуваат со 10-20% покачување на веројатноста од вооружен конфликт; дека глобалното производство на пластика се очекува тројно да се зголеми до 2050-та кога во океаните ќе има повеќе пластика отколку риби. И сето тоа не е „данок“ на двата века индустриски капитализам, како што вообичаено се смета, туку е резултат главно на негрижата од последниве дваесет години.
Валас-Велс не ги осудува (толку) оние кои го негираат сето ова, колку оние кои точно знаат што се случува, а се прават дека ништо не се случува. Оваа „нормализација“ на катастрофите според него ќе продолжи и во иднина, како форма на одрекување, при што критериумот за тоа што значи прифатливо човечко страдање ќе се зголемува, особено од позиција на привилегираните западњаци. Со оглед на тоа што тој не располага со конкретни решенија, и повеќе се занимава со појаснување на обемот на проблемот и неговите ефекти, некој може да го нарече „алармист“. Но за други тој е во основа само суров реалист - да не си вознемирен значи да не мислиш за проблемот. А немислењето за проблемот значи да не преземеш одговорност дури и за минимумот што можеш да го сториш, и со тоа да ја убиеш сета надеж, барем за одложување на крајот.