Писмо на Никола Тесла до 12-годишно девојче: природата е eдна огромна мачка

Можеби последното нешто што би го помислиле за генијот и чудак Тесла е дека би сакал животни, па уште и мачки. Во текот на неговите 86 години тој изумил куп електрични апарати и до моментот на својата смрт имал околу 300 патенти на свое име. Но неговата доживотна фасцинација со електричната струја е поврзано со нешто кое до сега не сме го препоставувале.

Во Вашингтон во 1939, Никола Тесла, тогаш на возраст од 83 години и со нарушено здравје, ја запознал 12-годишната Пола Фотиќ, ќерка на југословенскиот амбасадор во САД. Славниот изумител, кој не бил баш познат по тоа што лесно склопувал пријателства, овој пат ѝ се отворил на новата пријателка и открил една од причините зошто почнал да се занимава со проучување на електрицитетот.

Еве го писмото во целост:

Њујорк
23 јули 1939

Драга моја госпоѓице Фотиќ,

Ви го испраќам „Календарот на Југославија“ за 1939 на кој е прикажана куќата и местото во кое имав голем број тажни и радосни авантури и во кое, по некоја бизарна коинциденција, сум роден. Како што гледате од фотографијата за месецот јуни, старовремската зграда е лоцирана во подножје на пошумен рид по име Богданич. До неа има црква, а одзади, малку погоре, гробишта. Нашите најблиски соседи беа одделечени три километри. Во зима, кога снегот е шест или седум стапки длабок, нашата изолација е комплетна. 

Мајка ми беше неуморна. Работеше секој ден од 4 наутро до 11 навечер. Од четири па до појадокот, кој беше во шест, додека другите дремеа, никогаш не ги затворав очите, туку ја гледав мајка ми со интензивно задоволство додека таа набрзинка, дури и со трчање, ги вршеше понекогаш самонаметнатите задолженија. Ги насочуваше слугите да се грижат за сите домашни животни, ги молзеше кравите, вршеше куп работи без да бара помош, ја поставуваше масата, го подготвуваше појадокот за целото домаќинство. Дури кога сето тоа беше подготвено, ги повикуваше останатите да станат. По појадокот сите го следеа нејзиниот инспиративен пример. Работеа трудољубиво, го сакаа тоа, и постигнуваа одредена мерка на задоволство.

Но јас бев најсреќниот од сите, а изворот на моето задоволство беше нашиот прекрасен Мачак - најубавиот од сите мачори на светот. Би сакал да ви дадам соодветна идеја за блискоста која постоеше помеѓу нас. Живеевме еден за друг. Каде и да одев, Мачак ме следеше, поради нашата приврзаност и неговата желба да ме заштити. Кога ќе имаше таков повод, тој се извишуваше на две нозе, двојно од својата вообичаена висина, ќе го исправеше ’рбетот, и со опашката цврста како метална шипка и мустаќи како челични жици почнуваше да го изразува својот гнев со експлозивни фрчења: Пфффт! Пфффт! Тоа беше ужасна глетка, и кој и да го провоцираше, човек или животно, ќе беше тешко поразен.

Секоја вечер трчавме од куќата до црковниот ѕид, а тој вјасаше пред мене и ме влечеше за пантоланите. Ужасно се трудеше да ме убеди дека ќе ме касне, но веднаш штом острите заби ќе влезеа во облеката, притисокот се намалуваше и нивниот контакт со мојата кожа беше толку нежен, како пеперутка кога слетува на цвет.. Најмногу сакаше да се препелкаме во тревата. Кога го правеше тоа предеше со диво задоволство. Толку ме фасцинираше, што и јас се правев дека касам и предам. Не можевме да прекинеме, се превртувавме во делириум. Ова го правевме секој ден, освен кога врнеше.

Што се однесува до вода, Мачак беше многу претпазлив. Можеше да прескокне и до два метра растојание за да не си ги намокри шепите. На вакви денови влегувавме во куќата и биравме убаво место за игра. Мачак беше неверојатно чист, немаше болви или крлежи, не оставаше влакна и не покажуваше непријатни особини. Беше трогателно деликатен во изразување на својата желба да биде пуштен навечер, а потоа нежно ја гребеше вратата за повторно да влезе.

Сега морам да ви раскажам за едно необично и незаборавно искуство кое остана со мене целиот живот. Нашиот дом беше на околу 1800 метри надморска висина, а по правило зиме беше суво. Но понекогаш топол ветер од Јадранот ќе дуваше долго време, топејќи го снегот, поплавувајќи ја почвата и предизвикувајќи големи загуби на имот и на животи. Сведочевме ужасни настани, како реката уништува сè на својот пат. Често ги визуелизирам настаните од мојата младост, и кога мислам на оваа сцена звукот на водата ми ги полни ушите и го гледам, исто толку живо како и тогаш, забревтаниот тек и лудиот танц на поројот. Но моите спомени на зимата, тогаш кога беше сува со студен и неверојатно бел снег, се секогаш пријатни. 

Еден ден студот беше посув од вообичаено. Луѓето кои одеа низ него оставаа осветлена трага зад нив, а снежна топка фрлена кон некаква пречка оставаше искричава трага, како парче шеќер пресечено со нож. Во самракот, додека го галев грбот на Мачак, сведочев чудо кое ме остави без зборови. Грбот на Мачак беше парче светлина, а мојата рака произведуваше река искри доволно бучна за да може да се слушне насекаде низ куќата.

Татко ми беше учен човек, тој имаше договор за секое прашање. Но овој феномен и за него беше нов. „Па“, заклучи на крајот, „ова не е ништо друго туку електрицитет, истото што можеш да го видиш низ дрвјата кога има бура“.

Мајка ми изгледаше уплашена. „Престани да играш со мачката“, рече. „Може да направи пожар“. Но јас мислев апстрактно. Дали природата е една џиновска мачка? Ако да, кој ја гали по грбот? Тоа може да биде само Бог, заклучив. Ете ме, на само три години, а веќе филозоф.

Колку и да беше восхитувачки овој настан, она што следеше беше уште попрекрасно. Се стемнуваше и наскоро запаливме свеќи. Мачак зачекори низ просторијата. Ги протресе шепите како да стапнал на нешто влажно. Го набљудував со големо внимание. Дали видов нешто или ми се причини? Ги протрив очите и јасно видов дека неговото тело беше опкружено со ореол, како светец!

Не можам доволно да го нагласам ефектот на оваа сјајна ноќ во мојата детска имагинација. Ден по ден се прашував „што е електрицитет?“ и не можев да најдам одговор. Од тогаш имаат поминато 80 години, и се уште си го поставувам истото прашање, без да имам одговор. Некој псевдо-научник, а такви има многу, ќе ви тврди дека може да го стори тоа, но не му верувајте. Ако постојат такви кои знаат, и јас би бил меѓу нив, а веројатноста за тоа е голема, бидејќи имам повеќе искуство и лабораториска работа зад себе од останатите, а мојот живот покрива три генерации научно истражување. 

Никола Тесла

4 август 2023 - 10:36