„Машината запира" е за свет во кој луѓето главно комуницираат меѓу себе преку екрани, ретко се гледаат лице в лице, а знаењето и идеите се споделуваат преку систем кој може да го има секој дом. И сето ова содржано во расказ напишан во 1909.
Тринаесет пати номиниран за Нобелова за книжевност, а најпознат по романите кои се критика на класната поделба и лицемерието кое владее кај елитите, како „Хауардс енд", „Соба со поглед" и „Пат за Индија", сите успешно преточени во филм, Форстер не бил најпознат по научната фантастика, и ова е единствен негов експеримент со ваква тема. Приказната е за мајка и син - Вашти и Куно - кои живеат во пост-апокалиптичен свет, каде луѓето живеат сами во подземни „ниши", нешто како ќелии за пчели, а си ги задоволуваат потребите преку семоќна Машина. Патувањата во овој свет се ретки, неговите жители комуницираат преку видео монитори, а луѓето се толку зависни од Машината што почнуваат да ја обожуваат како живо суштество.
Нил Дафилд, која ја има адаптирано приказната за Кралската сцена во Јорк, на која истоимената претстава се прикажуваше до пред неколку дена, вели дека е необично колку модерна технологија предвидува таа, и колку прецизно ги опишува ефектите кои технологијата ќе ги има врз корисниците. Сето тоа во времето кога дури и радиото уште не било масовен медиум.
Но многу повеќе од технолошки предвидувања, Форстер се занимава со човечката психологија. Тој можеби не е некој голем футурист бидејќи технологијата во расказот сепак не личи на нашата, но сосема точно го проценува влијанието на машините врз нашиот секојдневен живот, и е скептичен кон индустријализацијата и технологијата кои полека ни се пикаат во умот, заменувајќи го. Сето ова е прикажано преку само два лика - мајката и синот - кои комуницираат меѓу себе преку нешто што личи на денешниот Скајп.
И покрај тоа што овој негов текст е исклучок во жанровска смисла, Форстер имал и други раскази со фантастична содржина, како на пример „Небесниот омнибус" во кој замислува одење во рајот кадешто се среќава со познати писатели. Но протолкувани пошироко, дури и овие дела имаат врска со религијата и духовноста, промовирајќи умерен однос кон науката и прогресот.