Kaко изгледа од другата страна?

Пијавици место пиво и кикирики: маките на новинарството

Пред некое време почнавме да објавуваме текстови за случки од животот низ очите на различни професии (тука и тука). Добивме впечаток како е да си бравар, фотограф, банкар. А што, новинарите не се луѓе?

(новинарска работна маса, порано)

 

(некои новинарски работни маси, денес)

Одамна се спремам да се фатам за темава, во најголема мерка како лична интроспекција за тоа што значи со години секојдневно да пишуваш за онлајн медиум, но и како сликовита илустрација на сите оние блиски и подалечни кои не можат да си претстават што тоа подразбира, дури и за некој кој не е професионален новинар. Овој факт само делумно ја релаксира тензијата („ова ми е хоби, имам од што да живеам“), но не и сите психо-физички последици кои ги подразбира барањето што да напишеш, тоа и да го напишеш, да најдеш слики, сето тоа да го качиш, да го провериш додека буквите веќе ти играат пред очи, да го објавиш и да го споделиш на социјалните мрежи. И после пак истото, од почеток.

Растена со татко-новинар од златното време на „Нова Македонија“ од мала ми било јасно дека новинарството е стресна професија. И ако компјутерите и интернетот требаше да го поедностават процесот а да го прошират обемот и квалитетот на вестите, тоа секако не се случи. Како дописник oд туѓина за весникот татко ми го земаше фиксниот телефон (во мојот спомен кремаст по боја), се затвораше во спална и го диктираше текстот на некого од другата страна, многу гласно, како да чита некаков проглас за војна. Тогаш дома не смееше никој да зуцне. Кога се откажуваше од пушење пишуваше со незапалена цигара, која му висеше од уста додека не се скинеше, изџвакана. Голем број негови колеги заминаа прерано, не од новинарството, туку од овој свет. Некои многу пиеја, други ги стрефи срце. За денешните генерации пишувачи можеби оваа клетва нема да важи, бидејќи најголемиот број од нив всушност и не се професионални новинари, не само по образование, туку и по „позив“, светоглед, начин на живот, посветеност и страст за вест и нејзино пренесување.

А таа - страста да се биде или најдобар или прв во тоа што ќе се напише е ѓаволска работа. „Кундера на 90“ гласи веста на странски портал, а тебе одма ти се чини дека умрел (а што друго би правел на таа возраст за да заслужи толкав омаж?), и дека твоја врвна должност е да ги известиш твоите верни читатели, голем дел веројатно негови обожаватели, за овој тажен момент. Ама тој не умрел на 90, туку славел 90, а ти се замислуваш ко во цртанине кога Том се претвора во магаре, додека цел интернет ти мрчи што на први април си направил несолена шега. Па не го умрев Тоше, де!

Дури и на одмор се оди со јанѕа: ќе има ли интернет? Онлајн огласите за сместување под „вифи“ често подразбираат сингал во хотелскиот хол, или во ќоше на терасата на апартманот, а газдите никако не сфаќаат зошто си толку лут - па на одмор си дошол, не да седиш на компјутер. Едно од твоите видеа од море е како шеташ со лаптопот низ хотелскиот имот, и ко лудак што трага по злато или подземни води бараш барем две цртки. Благодарен си од срце на оние кои ти укажуваат на грешки во приватни пораки а не во коментари, давајќи ти шанса да се поправиш. Почнуваш да ја мразиш македонската ортографија која бара акценти на се и и, а сфаќаш дека нулата на тастатурата не ти фаќа кога ќе те опоменат дека нешто што е старо 5000 години не може да биде старо 50 (еве, и сега по навика стискам појако, за сигурно). За текст кој долго си го мислел и уште подолго си го ц’цкал добиваш три лајкови. Ти иде да се откажеш или да се утепаш. Или двете. Од кризата те вадат верни читатели кои ти носат чаеви од далечни земји или ти вртат телефон само за да ти кажат „добро ти беше тоа денес“. И „уредниче“ кој поминал низ многу повеќе, и многу полошо. Останува само физичкиот проблем со вратот и кичмата, ама и за тоа има лек - почнуваш да пишуваш стоејќи, на импровизирано шанкче, ѓоа Хемингвеј.

И тоа не е ништо во споредба со луѓе на кои новинарството им е работа-работа, а особено ако пишуваат актуелни вести поврзани со домашна политика. „Не можам денес, доаѓа Хојт Ји“, може да гласи одбивањето за кафе, кажано со нервозен тон, поради кој се воздржуваш и да прашаш кој е па сега тој, и уште поважно, кога тој некој мисли да си оди. Ама следниот ден доаѓа друг, па трет, па има избори, па втор круг, па протести, па прес конфенренции, па пак посети. И така како на фабричка лента, дур станот стои неокречен, а детето завршило шесто кога ти си мислел дека е уште петто. Некогаш те фаќа срам што во споредба со нив всушност немаш поим што се случува, па им вртиш да се информираш кога има застој во сообраќајот или кога ќе се слушне некакво пукање. Нивните животи почнуваат да го пресликуваат форматот на она за што пишуваат - на куп хаотични исечоци од стварноста, од кои дури и најкоректниот во професијата тешко може да состави доследен наратив. Се чувствуваш виновен што тие заглавуваат до полноќ додека ти им праќаш селфиња од некој концерт. Кој е крив? Кој прв почна?

Еве неколку изјави на темата, главно од долгогодишни новинари и уредници. Некои од прашаните не ни одговорија (имаат луѓето работа, да пишуваат за други, а не да се бават со себе). Им благодариме на оние што го сторија тоа.

****

Ноне Ноциќ, новинарка, со ангажмани во повеќе весници и списанија, од „Нова Македонија“ до „Теа модерна“

Новинарството може да се дефинира на многу начини, но клучно е посредништвото. Новинарот е како бакарна жица што ја пренесува струјата од централата до крајниот корисник. Жицата е само трансмитер, арно ама трепери затоа што на своја кожа ја чувствува енергијата пред да му ја предаде на потрошувачот. Со новинарот е исто. Тој мора да ја доживее приказната пред да ја сподели. Еве на пример како оние за
- десетте вчерашни леба на осумчленото семејство од Македонска Каменица,
- пијавици по нозете за да се даде детален опис на Моноспитвското блато,
- паѓање во несвест на прилично габаритен фоторепортер при втората операција на отворено срце во клиниката на Жан Митрев,
- филмско спасување на тричлен новинарски тим со полициска лада-нива од највисоките врвови на Шарпланина, затоа што по секоја цена мора да се стигне до езерата,
- денови поминати со луѓето околу некогашната депонија Вардариште за да се почувствува возбудата кога ќе наближи камион со ѓубре...
- ноќи поминати во бункери во тетовско Ратае, а тебе чудно дека куршумите не само што фучат, туку и светат.

Ова е најлесниот дел. Малку потешкиот се:
-непроспиени ноќи, поради преслушувањето на диктофоните и телефоните,
-ладна пот ако изјавите или снименото го нема! (многу често),
- снемување на готови текстови поради нередовно стискање на „сејв ес“,
- митинг околу работното биро составен од уредници заменици, технички кадар, лектори, секретарки... кои најпрво љубопитно во петок попладне прашуваат „уште колку“? Е, после веќе....
- сто дваесет и шест телефонски повици од дома и осумдесет и седум од мама
- Ненамерни грешки или размачкани слики во испечатен, дистрибуиран и веќе продаден тираж(уф!)

Ништо од ова нема да биде толку важно за новинар од интернет портал. Оставам простор за полемика...

Toни Димков, новинар од областа на културата (во моментов на порталот мкд.мк)

Во времето кога почнав со новинарска работа (1990-91 година) во секој медиум имаше редакции за повеќе области, а во секоја редакција новинарите точно знаеја која област ја следат. Во однос на културната редакција, кадешто работев, се знаеше кој следи филм, кој театар, кој пишува музички, а кој ликовни или книжевни текстови и рецензии. Ретко се случуваше некој од новинарите да излезе надвор од својата област. Појавата на онлајн-медиумите прво редакциите ги направи рубрики, а потоа се намали бројот на новинари до размерот еден новинар - една рубрика. Исклучок се само политичките рубрики. Така се создаде ситуацијата еден новинар да треба да следи повеќе области и во текот на една вечер, на пример, да треба да присуствува на три различни настани што почнуваат во 20 часот. Невозможна ситуација! Но тоа не е сѐ! На новинарите во онлајн-медиум нема уредник што ќе им побара да направат само еден текст, туку дневно треба да бидат пет, некаде и десет објавени текстови. Така стигнуваме до појавата на копи/пејст новинарството: уништени редакции, мал број вработени новинари, дефокусиран тематски баланс, многу „музика“ (информации), а малку пари.

Уредничка во дигитална редакција

Oткако работиме онлајн, немаме фиксно работно време иако одиме во канцеларија и као имаме дежурства, ама работата продолжува и дома и надвор сеедно, имаме пристап до платформата и преку телефон. Ако е зорт, брејкинг њуз, се реагира одма. Тоа значи дека си цело време онлајн, и особено на социјални мрежи што е напорно и депресивно оти си изложен на многу срање, и не е лесно да се чуваш од тоа. Ама, од друга страна интересна работа ако ти е стало до тоа. А, и најстресно е кога ќе успори интернетот, а треба да ставиш вест итно. Тука се старее највише.

Катарина Богоева, новинар од областа на културата (во моментов во Нова Македонија)

Новинарската трка со времето која обично е на кратки, а не на долги патеки, личи на минување низ тунел во кој не знаеш што и кога може да те изненади. Има денови кои не ги забораваш бидејќи минувајќи низ него, со цел да направиш текст што ќе се најде во весникот, си се сретнал со низа невидливи сили во воздухот кои едноставно без да забележиш, те префрлиле на другата страна од лентата и во еден момент гледаш само фарови кои брзаат кон тебе и знаеш дека нешто си утнал. Дека текст може да нема, а мора да го има!

Снимав со диктафон поставен на театарска сцена комеморација на млад уметник на која многумина понесени од своите емоции долго говореа. Сакаш - нејќеш, атмосферата влијаеше и на мене, проследувачот на настанот, а за тоа станав свесна кога стигнав во редакција. Отварам торбата, диктафонот го нема, се запалија светлата во тунелот и невидливиот часовник почна експресно да ми ги одбројува минутите. И како во неочекувано уигран филм, колешката која знае што значи тоа, ме вози со кола до театарот. Го молам чуварот за да влезам од задната врата, накратко му објаснувам што сакам, нему како на прв поглед да му беше се јасно се сложува, предупредувајќи ме дека на истата сцена веќе тече проба за детска претстава. А дали е диктафонот таму, беше смешно да го прашам! И влегов во истата сала во која до пред малку владееше траорна атмосфера, а сега се слушаа весели гласови кои мојот диктафон поставен на ивицата на сцената, спокојно си ги снимаше. Дигитален е, да беше со лента можеби таа ќе застанеше, нешто ќе чкрапнеше, а вака минутите си течеа, неговото црвено светло за снимање светеше и никој не го забележуваше, за среќа, тој мал, црн, безшумен апарат кој си го земав полека додека чуварот од далеку ме следеше. За секој случај, новинарка е, којзнае која ѝ е намерата, можеби си мислеше тој.

И повторно назад до редакцијата и дишење длабоко за концентрација. А по пат на колешката ѝ се дупна гума на автомобилот за настанот нели, да биде комплетно погоден за паметење! И така успешно поминавме низ новинарскиот тунел за читателите утредента да дознаат кој, и на каков начин претходниот ден се простил од актерот. Тоа го меморира весникот.

Филип Нацоски, спортска редакција на офф.нет

Како човек со утрински ритуали, што подразбира задолжителен доручек некаде после 9:30, првиот проблем што може да ми се јави од сабајле на работа е да излезе нешто важно за објавување баш во 9:30. Па тогаш морам да се борам со гладот кој обично не трпам долго да трае за да дадам приоритет на работата. Ете и такви нè има.

Она што понекогаш ми фали во работата како спортски новинар е да гледам некој јак фудбалски или ракометен натпревар, ама како гледач, без да треба на стадион или во сала да носам лап топ, да мислам дали е брз интернетот, да барам слики или истовремено да сликам, како и да бидам сконцентриран на извештајот кој обично го пишувам додека трае мечот. Ми фали почесто да гледам Лига на шампиони само со пиво и кикирики, без да се замарам со симнување на головите. Инаку кога работиш на сајт, немаш многу време за муабет и пиење кафиња со колегите, бидејќи ние не ги чекаме вестите сами да ни дојдат, туку постојано ги бараме. Така што од тие 8 работни часа максимално го користиме времето за работа, во спротивно ќе немаш актуелни и занимливи текстови за читање и плус ако дремеш на Фејсбук и почнеш да пишуваш во 12 ќе бидеш бајат.

Глупаво е во денешно време кога се ти е на дланка со два клика, да кажеш дека немаш што да пишуваш. Па ете ако не ти се работи или те мрзи да бараш вести, подреми на Фејсбук и сигурно ќе ти излезе нешто интересно за објавување, бидејќи таму секој ден се вртат еден тон спортски ствари. Убаво е да се биде спортски новинар на сајт, ама некако нема застој. Не е ова банка или цвеќара па да ставиш клуч на врата. Ќе дојде лето обично има светско или европско првенство во фудбал, па освен што гледаш треба и да работиш и тоа навечер, а преку ден си бил на работа. За новогодишните и божиќните празници пак Англичаните имаат набиена агенда и играат повеќе натпревари.

 

Илина, Букбокс

6 април 2019 - 09:09