На втор поглед е некако трогателно - осамено и отфрлено пијано на улиците на Менхетен, кое како кутре си го бара новиот газда. Луѓето застануваат да го „погалат", удираат по некоја типка, можеби се присеќаваат на детството кога родителите ги терале да вежбаат а ним им било досадно, или пак на копнежот воопшто некогаш да имаат едно. Некои дури се обидуваат и да го поттурнат, за да видат дали може некако да се крене и однесе дома. Други си прават мини седенки (стоенки) околу него, како околу маалски оган.
Штета што се само фотографии (нема аудио на коментарите, на пример, или звукот на пијаното), но сепак се доволни за да се почувствува атмосферата. Ги направил новинар на Њујорк Тајмс откако го забележал пијаново пред сопствениот стан.