Пијанистот кој научил да свири на хартиено пијано

Што се случува ако имаш голема желба да свириш на некој инструмент, но твоите немаат пари да ти го купат? За еден 11-годишен Британец одговорот бил едноставен - го правиш од хартија, и потоа многу, многу вежбаш.

Ендрју Гаридо во 2010 имал единаесет години, и многу сакал да научи да свири на пијано. Но бидејќи немал пари за часови или за инструмент, тој нацртал клавијатура на хартија и учел шест месеци од Јутјуб пред својот прв час на вистинско пијано.

Само пет години по ова, во 2015, тој бил примен на престижната Пурселова школа за пијано, најстаро музичко училиште за младинци во Британија. Во 2018 го одржал првиот концерт, кој според критичарите комбинирал „совршен класичен стил со брилијантна енергична инвентивност; баланс на редок магичен квалитет што го има само кај најдобрите музичари“.

Сега одржува концерти низ цела Европа, но паралелно изучува и компонирање во широк опсег форми. Ова е неговата приказна објавена на Би-би-си (2:49) во која објаснува каков бил неговиот метод на учење пијано на хартија. Со добра поента - дека упорноста да ја усвои оваа вештина со минимум ресурси му помогнала многу во справувањето и со други животни предизвици.

 

18 декември 2019 - 16:50