„Кеа“ е маорско, веројатно ономатопејско име за птица опишана во 1856 од орнитологот Џон Гулд. Нејзиното латинско име, Nestor notabilis, што значи „забележителна“, укажува на специфичните карактеристики кои тој ги регистрирал кај неа, како способност за решавање логички загатки и тимско користење алатки за да се стигне до храна. Истовремено, оваа птица се смета за прв откриен не-цицач кој демонстрира заразно смеење, слично на човечкото (други суштества со заразна смеа се шимпанзите и стаорците).
За да се утврди дали папагалите го користат овој повик за да поттикнат чувства кај „колегите“, истражувачи од Институтот Месерли во Австрија им пуштале снимки од повици на диви кеа папагали. Ефектот бил очигледен: кога кеите од двата пола ги слушнале игривите повици, тие покажале понагласено и подолго игриво однесување отколку кога слушале повици од друг „жанр“.
Кога се во лет, кеа папагалите сакаат да си играат, правејќи акробатски фигури и бркајќи се едни со други. Играњето сo предмети, пак, најчесто е во осама, но имало и случаи кога е забележано фрлање на мал предмет од една на друга птица (нешто како играње топка).
Иако е важно да не се антропомофизира животинското однесување, на сите кои работат или живеат со кеи им е јасно дека тие се паметни, дружељубиви и дека сакаат да си играат едни со други, слично како и ние. За жал, поради ловењето и користењето пестициди, овој вид е загрозен. Токму затоа ваквите студии се обидуваат да ги запознаат луѓето со птиците и да поттикнат емпатија кон нив.