На почетокот на новиот роман на Пол Остер, „Баумгартнер“, главниот лик со истото име зборува со терапевтка за неодамнешната смрт на својата жена, која умрела во бизарна несреќа кршејќи го р'бетот додека пливала. „Сè може да ни се случи во секое време“, ѝ вели тој. „Сите го знаат тоа, а ако не го знаат, тоа значи дека само не посветиле доволно внимание“.
Она што следи се граничи со црн, „слепстик“ хумор - Сај Баумгартнер се обидува да излезе на крај со тагата изолирајќи се од светот, здобивајќи се со изгореници од жешка тава и паѓајќи по скали во тек на непотребно симнување во подрум.
Остер најпрвин сакал ова да биде краток расказ, но му тргнало, па книгата се има над 150 страници. Додуша претходно со „4 3 2 1 “ (за којашто пишувавме тука) непланирано стигна и до 866.
Во последниве две години самиот Остер има доживеано два трауматични настана. Најпрвин семејството се соочи со трагедија кога неговата новородена внука почина а за тоа беше обвинет таткото, односно синот на Остер од првиот брак со писателката Лидија Дејвис. Брзо потоа тој беше пронајден мртов од предозирање. Потоа во март оваа година сопругата на Остер, писателката Сири Хуствед, на Инстаграм објави дека тој е „бомбардиран со хемотерапија“, и дека парот сега живее во нешто што таа го нарече „Кенсрленд“.
За овој период од својот живот Осер вели дека е како влегување во територија за која нема мапи и валиден пасош за излез. Сепак има некаков водич кој на почетокот ти вели - Јас сум од раковата полиција. Мора да ме следиш. „Немаш вистински избор, бидејќи тој ти вели дека ако не го сториш тоа ќе те убие. Реков - сакам да живеам. Носи ме каде сакаш.“
Остер ја опишува американската опсесија со „надминувањето“ (closure) како најглупавата идеја за којашто слушнал. Со траумите учиш да живееш, а никогаш не ги надминуваш. Во „Баумгартнер“ Сај опишува синдром на фантомски екстремитет и иако се опишува како „човечка пенушка“ екстремитетите кои недостасуваат се уште му се тука, и се уште болат, толку многу што „понекогаш мислиш дека целото тело ќе ти се запали и ќе изгориш на лице место“. Ова - фантомски екстремитет - за малку ќе бил и наслов на книгата.
Но своите „фантомски“ болки Остер никогаш не се обидел да ги решава со психотерапија, туку со пишување. И не само кога се во прашање личните трауми, туку и оние националните. „Баумгартнер“ е втора негова книга која се објавува оваа година. Во јануари излезе фото-монографија на неговиот зет, Спенсер Острандер, за која Остер го напиша текстот. „Крвава нација“ (Bloodbath Nations) ги регистрира локациите на масовните пукања во САД, а за само 80 страници текст на Остер му била потребна цела година, бидејќи сакал да биде што поконцизен и прецизен и сето тоа да не звучи како политички памфлет. За најновиот роман вели дека е можеби негова последна книга. Посакуваме да не е.
Види претходно: Букбокс читанка за „Зимски дневник“ од Пол Остер