Едно време Остер ми беше омилен. Њујоршка трилогија, Месечева Палата, Левијатан, Г-дин Вертиго, Тимбукту, сценаријата за„Чад" и „Сини во лицето". Еден пријател ми се налути кога откако ми подари книга од Себалд го прашав - а овој е као сличен на Остер? Сите современи американски автори ги споредував со него, затоа што ми се чинеше дека не само што е извикан, туку е и добар.
Потоа некако се заситив, го загубив од вид, за да му се вратам деновиве, со „Зимски дневник". Всушност книгата ми ја позајмија уште летово, но ми изгледаше непристојно на четириесет степени да почнам да читам текст кој би требало да поттикне чувство на сивост, мрачност и студеност. Или барем така очекував.
Пол Остер е одличен раскажувач, но (по)слаб во аналитичките, есеистички, или ако сакате филозофски пасажи, кои всушност би требало да бидат крвта и месото на оваа книга. И буквално, затоа што таа е замислена, според зборовите на самиот Остер на нејзиниот почеток, како „каталог на сензорни информации, нешто што може да се нарече феноменологија на дишењето". Со други зборови, намерата на овој роман е да биде мемоар, раскажан низ најбазичните, телесни доживеалици на авторот, колку и тие на прв поглед да изгледаат банални, како зевање, треперење, прдење, икање, минување со прстите низ коса, сопнување, треперење на окото, чекори, бакнежи.
Идејата можеби не е револуционерна, но во принцип добра. Само што Остер често бега од неа, не можејќи до крај да ја издржи. Еден релативно голем дел е посветен на попис на големиот број живеалишта на авторот во Париз и Бруклин, со детален опис на секоја цигла и штекер во нив, крајот на неговиот прв брак, смртта на неговата мајка која умре во 2002, како и пресвртот во неговата кариера, кога тој од поезија засекогаш (?) се префрлил на пишување проза, од која можело и да се живее. И сето тоа е во ред, нели ова што го читаме се мемоари, ама нели тие требаше да имаат некој посебен, необичен квалитет на интроспективна телесност, на стегање во градите, навлажнети (и смрдливи) мишки, побелена коса? Е, тоа го нема.
Но ако нешто нервира, тоа не е отсуството на најавената „филозофија на телото", што го чувствувате како мала, но поднослива измама, туку фактот што целата книга е напишана во - второ лице еднина! Ти ова, ти она, тебе ти се случува, ти мислиш дека, твоите мајка, ќерка и жена, ти старееш, ти умираш. Кој бре ти? - да сакав да читам мемоар за себе, јас ќе го напишев, да беше за „тој" ќе го читав оној новиот на Ружди во кој себеси си се обраќа во трето лице, ама од оваа книга очекував дека ќе говори „јас" Пол Остер, сосе двете раце, нозе и глава. Неговиот живот навидум не е лош, и „зимата" во која влегува не делува толку студено и мрачно, па сепак...би сакала да имам право на свој дневник, кој дури и во староста можеби може да биде - пролетен.
Илина, Букбокс