„Да го отвориш кимоното“ во јапонскиот бизнис сленг значи „да откриеш информации во врска со внатрешното функционирање на некоја компанија“. Помеѓу посвежите примери за оваа употреба во англиското говорно подрачје е оној од 2012, кога ЏП Морган Чејс изјави дека компанијата „го отвара кимоното“ за регулаторите. Во Мари Клер пак оваа пролет истиот израз беше искористен во текст посветен на сè поголемата доминација на женските ликови во ТВ ситкоми: „Ако Нетфликс го отвори кимоното, и ги открие неговите рејтинзи и демографски статистики, конечно ќе имаме доказ дека девојките навистина владеат“.
Иако никој со точност не може да покаже од кога датира овој израз во англискиот, еден текст од Њујорк Тајмс од 1998 го анализира како дел од „корпоративната идиоглосија“ на Мајкрософт. Стивен Гринхаус, авторот на текстот, во него вели: „Брилијантен израз од не-Мајкрософт потекло, кој веројатно е увезен при масовното купување на американски фирми од страна на Јапонците во 1980-тите, и прифатен во маркетинг лексиконот. Во основа е делумно сексистички синоним за ’отворање на книгите“, значи откривање на инсајдерски информации за некој проект или компанија на потенцијален иден партнер“. Форбс пак го вклучи „отворањето на кимоното“ во неговата листа на „Највознемирувачки изрази од бизнис жаргонот“.
Зошто ова би било вознемирувачко? Затоа што индиректно укажува на идејата дека корпорациите се луѓе, кои можат да соблекуваат и да си ја покажуваат својата кожа (или други интимни делови од телото). Истовремено, според други толкувања, метафората се потпира на западниот мит на гејшата, која ги маскира нејзините физички атрибути со широко, вреќесто кимоно - оттаму таа според некои толкувања не само што излегува сексистичка, туку и расистичка. Ако е така, дали е воопшто јапонска? И дали има врска со бизнис, или е можеби од времето на феудална Јапонија, кога отворањето на кимоното било доказ дека таму, под него, не се крие никакво оружје?
Објаснувањето во американските бизнис кругови е дека овој етнички обоен жаргон произлегол од стравовите на Америка од подемот на јапонската економија во споменатите 1980-ти, од тоа што таа „крие под кимоното“. Но како и за голем број други идиоми, потеклото на крајот на краиштата и не е толку важно - важно е зошто тој фатил корен, и во кој контекст се користи, со или без скриени значења под фустанот.