16 век бил интересно време за книги и за читање, барем за оние кои можеле да си го дозволат задоволството на поседување лична збирка. Ернардо Колон, вонбрачниот син на Колумбо изгледа дека имал доволно ресурси за да ја создаде најголемата библиотека во Европа. Како што пишувавме претходно, таа се состоела од 15.000 книги и повеќе од 3.000 графики и слики, од дела на Платон до постери симнати од ѕидовите на крчми и меани во кои Колон завлегувал на своите долги патешествија. Истовремено тој ја изградил и првата ботаничка градина во својата родна земја, а ја напишал и книгата „Опис на Шпанија“ со повеќе од 6.000 одредници.
Сега, ни помалку ни повеќе туку во Копенхаген, е откриен и каталогот на оваа колекција, тн. Либро де лос Епитомес, кој стоел недопрен скоро 350 години. Станува збор за ракопис кој содржи 2000 страници и детален опис на сите нешта што се чувани во спомнатата библиотека. За жал денес се уште постои само четвртина од наведените книги, а тие од 1552 се чуваат во катедралата во Севиља.
Ракописот е пронајден во збирката на Арни Магнусон, исландски истражувач роден 1663, кој ги донирал своите книги на Универзитетот во Копенхаген во 1730, по што е формиран и посебен Институт Арнамагнеан каде тие се чуваат и проучуваат. Главнината од околу 3000 единици се на исландски или на некој од скандинавските јазици, со само 20 шпански ракописи, што е веројатно причината зошто Либро де лос Епитомес поминала незабележана толку долго време. Прв врската помеѓу Магнусон и Колон ја регистрирал истражувачот Гај Лазур од Универзитетот во Винѕор, Канада, а негови колеги од Универзитетот во Гранада ја потврдиле веродостојноста на наодот.
Методологијата на изработка на овој каталог на Колон била интересна - тој откако ја заокружил збирката ангажирал тим соработници кои требало да ги прочитаат сите книги во библиотеката и да напишат краток текст за секоја од нив, што резултирало со текстови од по неколку редови, до околу 30 страници за комплетните дела на Платон.
Така, ракописот претставува и вистинско досие за сето она што луѓето го читале пред пет векови, и тоа не само кога станува збор за класиците, туку и за евтино печатени алманаси и памфлети. Ова овозможува увид во раната ера на издаваштвото, свет кој за нас во голема мерка е загубен.
Целосниот текст се планира да биде објавен во ново издание до крајот на 2020, а се работи и на негово дигитализирање.