Садако Сасаки, девојчето од Јапонија кое стана симбол на страдањето предизвикано од нападот со атомска бомба на Хирошима, додека била болна постојано правела жерави од хартија, како традиционална молитва за оздравување. Сега Симјуки Сасаке, нејзин роднина, почнува кампања тие да бидат додадени во регистерот на УНЕСКО, Спомени од светот.
Тој најпрвин аплицирал до Јапонската национална комисија со околу 100 деликатни хартиени модели, а таа пак истата ја препратила до одговорните во ОН. Целта е нејзината приказна и самите жерави да станат симбол на повик за мир и укинување на нуклеарното оружје.
Садако имала две години кога бомбардерот Енола Геј го фрлил „Малото момче“ - бомбата на Хирошима на 6 август 1945. Детонирајќи со моќност еквивалентна на 16 килотони ТНТ, експлозијата убила околу 66.000 луѓе на лице место, но смртните последици ги почувствувале подоцна уште најмалку толку луѓе. Во нејзиниот дом на околу 1,6 километри од локацијата, Садако била исфрлена низ прозорец од ударот, но немала големи повреди. Сепак, била изложена на големо количество радијација и почнала да покажува симптоми дури во ноември 1954. Тогаш е дијагностицирана со акутна малигна леукемија на лимфните жлезди, која преживеаните од Хирошима ја нарекуваат и „болест на атомската бомба“.
Кога била примена во болницата на Црвениот крст во Хирошима, таа почнала да витка оригами, бидејќи според јапонската легенда, доколку некој успее да свитка 1000 хартиени жерави ќе му се исполни желба. Стигнала до 300. Починала на возраст од 12 години во октомври 1955.
Денес нејзината приказна им се кажува на децата во јапонските училишта, а во срцето на Меморијалниот парк во Хирошима стои споменик на девојче со хартиен жерав над главата, направен според изгледот на Сасаки. Сега останува на УНЕСКО дали таа ќе се прошири и вон Јапонија.