Опстанокот на к’сметлиите

Природната селекција не е единствениот начин на кој еволуираат видовите. Има нешто и во тоа просто да имаш среќа.

Кога би се нашле во џунглите на кинеската провинција Фуџијан во раниот 20 век сте можеле да бидете сведок на неверојатно животно: син тигар. Сè до доцните 1950-ти ловците известувале дека ги забележувале нивните сини силуети покрај вообичаените портокалово-црни крзна на другите јужнокинески тигри.

Но потоа сините тигри едноставно исчезнале. Последните примероци се видени во 1953, а наскоро станале тема на легенди.

Лесно е да се пoмисли дека синолото на големите мачки било поврзано со некаков „дефект“ кој ги направил послаби во однос на нивните портокалови роднини. Но поверојатно е дека тоа повеќе има врска со лош к’смет („роди ме мајко со сино крзно и фрли ме на буниште“), односно фактот дека оваа боја се појавила во мала популација која продолжила да се смалува.

Овој вид еволуција која се базира на среќа само навидум е контрадикторна со онаа во која опстануваат најспособните, бидејќи последново не е единствениотм па дури не е ни највообичаениот начин на кој видовите се менуваат или исчезнуваат.

Во 1968 генетичарот Мотоо Кимура ја поставил тн. „неутрална теорија“. Според него поголем дел од варијациите на организмите не претставува ниту предност, ниту маана. Оттаму, тие не се резултат на скриената рака на селекцијата, туку на среќа (или обратно, на недостаток на среќа). Сè што е потребно е некој момент на варијација, а случајните сили потоа си го прават своето.

Оваа неутрална теорија на Кимура предизвикала голема дебата бидејќи изгледала како да го разводнува влијанието на селекцијата. Но револуцијата на доцниот 20 век во секвенцирањето на ДНК ги потврдила неговите наоди. Од тогаш таа е тн. „нулта хипотеза“, или претпоставка која се зема за точна по дефиниција - ако некој сака да покаже дека одредена варијанта на ДНК секвенца е резултат на селекција, прво треба да покаже дека таа не може да биде објаснета преку неутралност.

Дали неутралните сили го моделираат биодиверзитетот или не главно зависи од големината на групата која се разгледува. Да речеме дека постои популација од 10 птици: една црвена, една зелена, и сите останати кафени. Овие бои не се ниту штетни ниту овозможуваат некаква предност, па сите птици имаат иста шанса да се репродуцираат. Но тогаш некое торнадо убива шест од кафените птици, просто случајно. Сега половина од популацијата е кафена, четвртина е црвена и четвртина зелена. Случаен настан предизвикал голема промена во диверзитетот (појава позната како „генетски дрифт“). Нештата можеле да бидат прилично различни доколку имало 98 кафени птици и истиот број на црвени и зелени како претходно. Тогаш катастрофата немало да биде толку голема по кафените, дури и ако торнадото повторно убило 60% од нив. Значи колку помала популација, толку поголем дрифт.

Неутралната теорија сепак не запира кај екологијата. Таа е користена за објаснува на диверзитет на разни нешта, од криптовалути до имиња на бебиња, поради тоа што претставува елегантна рамка за разбирање на подемот и падот на варијациите. Сепак, како и со секоја друга теорија со која се претерува, и тука се појавува тн. „неутрален синдром“ - тенденција на отфрлање на одбрани сили како објаснувања, само затоа што некоја варијација би можела да биде објаснета со неутралност.

Без оглед дали тоа ни се допаѓа или не, случајните сили секогаш суптилно влијаат врз светот. Неутралната теорија само обезбедува рамка за овие сили да бидат познати и мерливи.

извор

14 декември 2020 - 16:28