„Накам“ (Одмазда) била група од 50 Евреи кои го преживеале холокаустот, и кои во 1945 се обиделе да ликвидираат нацисти и цивили-Германци како одмазда за шестте милиони убиени Евреи во текот на војната. Главен на групата бил Аба Ковнер, израелски поет и советски партизан, кој во 1942, чувствувајќи што ќе се случува во текот на војната со неговиот народ, издал манифест од еврејското гето во Вилнус под наслов „Да не заминеме како овци на колење!“. Тоа е прв документ од ваков тип, кој истовремено предупредувал но и поттикнувал на масовен отпор на Евреите од Европа.
По завршувањето на војната, Ковнер бил еден од основачите на спомнатата тајна организација, која формулирала два плана. План А бил да се убие голем број германски граѓани со тоа што ќе се затрујат изворите на вода во Хамбург, Франкфурт, Минхен и Нинберг. Така според проценките би биле убиени 6 милиони Германци. План Б бил да се убијат нацистите кои во тој момент биле држени како воени затвореници од страна на сојузниците во камп близу Нинберг.
За остварувањето на планот А, Ковнер заминал за Палестина, со намера таму да обезбеди соодветен отров. Постојат голем број теории кој од високите свештени лица го поддржал неговиот план и колку реално се знаело за неговиот обем. Според една од верзиите, планот Б го одобрил и поддржал Ернст Бергман, израелски нуклеарен научник и хемичар, кој заедно со идниот претседател на Израел, биофизичарот Ефраим Кацир, го подготвил отровот. Кога Ковнер и негов соучесник се враќале кон Европа на британски брод биле уапсени, но претходно успеале да го фрлат отровот во морето. Тоа значело дека планот А е откажан.
Во април 1946 членови на Накам влегле во пекара која обезбедувала леб за кампот за воени затвореници Лангвасер близу Нинберг. Намачкале голем број векни со арсен, од кои повеќе од 2.200 германски затвореници се разболеле и стотина биле хоспитализирани, но не биле пријавени смртни случаи. Претпоставката за неуспехот е дека или отровот бил мачкан претенко или дека затворениците сфатиле дека тој е затруен и не изеле многу.
По овие акции дел од групата избегал за Израел, а мал број членови на НАКАМ продолжиле со одмазднички операции. До 1980-тите никој од нив не сакал да зборува на оваа тема, а оние кои тоа сепак го сториле не покажувале никакво жалење, велејќи дека Германците „си го барале“. Истовремено, очекувале не осуда, туку напротив, признание и награда за сторените дела.
На оваа група и нејзините терористички акции се посветени повеќе книги, а неодамна се појави израелски филм „Планот А“, кој од уметнички аспект не го користи до крај потенцијалот на приказната, но сепак е интересна реконструкција на настаните.