хе-хе

Одмаздата на Хемингвееви

Ако си млад писател кој допрва има намера да се пробива во книжевниот свет, да објават твој расказ во престижно списание е рамно на добивка на лото. Обратно, да бидеш одбиен може да те пресече за цел живот. Тоа за малку можело да му се случи на Хемингвеј. Ама страчка, има врачка.

Кога имал 25 години Ернест испратил расказ во Венити Фер под наслов „Мојот живот во рингот со бикови со Доналд Огден Стујард". Расказот завршил во ѓубре, но неговиот автор за среќа не се поколебал, па продолжил да пишува, и станал оној Хемингвеј кого сите го знаеме.

Сега, 90 години по одбивањето на расказот, списанието покајнички бара од наследниците на славниот писател право да го објави. Грејдон Картер, главниот уредник на Венити Фер, вели дека расказот, иако не е од најдобрите, е симпатичен заради благата комичност. Ама сега сите фини зборови му се џабе, затоа што семејството не му го дава. Мајкл Катакис, портпарол на наследниците изјавил, не без иронија, дека тие се многу внимателни со необјавениот материјал, и секогаш си го поставуваат прашањето: „Ако Хемингвеј беше жив, дали тој би сакал да објавува во списание како Венити Фер, или би претпочитал расказот да им биде понуден на историчарите на книжевноста?"

Огден Стујард чие име се спомнува во насловот припаѓал на друштвото на Хемингвеј. Тој во својата автобиографија од 1975 се сеќава на настаните кои се опишани во расказот, кога се нашол лице в лице со бик во Памплона: „Моите наочари излетаа во еден правец, шапката во друг, а јас бев исфрен во воздух среде големи викотници".

Патрик Хемингвеј, синот на Ернест, изјавил дека не е обожавател на Венити Фер, и дека тоа е „еден вид луксузно списание за мислители, за луѓе кои се палат на возење Јагуар, наместо Мини Морис" (ко да последново е нешто лошо).

Краткиот расказ, за кого Патрик вели дека е инспириран од хуморот на Марк Твен, ќе излезе во „Писмата на Ернест Хемингвеј, вол. 2: 1923-1925" кон крајот на годинава.

(на фотографијата горе - Хемингвеј во публика на корида) 

26 јуни 2013 - 13:11