„Кога младите и работниците и пензионерите ќе станат и ќе речат јасно и гласно 'Што е многу, многу е'. Кога оваа власт, власта на нашата голема земја ќе ни припадне на сите нас, а не само на група милијардери, кога ќе се случи тоа, тогаш ќе ја трансфромираме оваа земја. Ви благодарам".
Потоа ѝ мафна на публиката и почна да заминува од сцената со звуците на - „Старман" на Боуви.
Политичката музичка подлога често е прилично лигавa и очигледнa, а ретко кој кандидат сака да ризикува и да експериментира со песни кои луѓето или не ги знаат, или не носат некоја очигледна победничка и унифицирачка порака. Затоа повеќето од Американците се одлучуваат за Бон Џови или за Спрингстин.
Обидите за оригиналност како оној на Мајк Хакаби, кандидатот на Републиканците, кој пародизираше „Хелоу“ на Адел се оценуваат како очајни, а еден друг кандидат, Мартин О'Мајли, постојано игра на картата на сопствениот музички талент, па „спонтано“ седнува да свири на гитара дури и во продавници за инструменти (и тоа свирејќи го Џони Кеш).
Но за разлика од наведените, Берни изгледа како да знае што прави кога користи музика за да пренесе порака. Прв пат воодушеви кога тоа го направи со „Америка" на Сајмон и Гарфанкел, потенцирајќи го стихот „И сите тие дојдоа да ја бараат Америка" комбинирана со слики од обични Американци, при што името на земјата не е само географска туку и одредница што асоцира на надеж и подобар живот.
Потоа ја пееше „Оваа земја е твоја земја" со Вемпајр викенд, и тоа баш на сцена во Ајова (добро, малку ги заборави зборовите), со што го спои старото и меко фолкерско со новото и младото
Тој не само што ги зема за озбилно музичарите туку некои од нив отворено го поддржуваат. Таков е случајот со раперот од Атланта, Килер Мајк, со Ред Хот Чили Пеперс, како и со Нил Јанг. И тие се согласни дека одлуката на Берни да им ја препушти музиката на професионалците е исправна, особено имајќи го предвид неговиот албум фолк музика, снимен со триесетина музичари од Вермонт во 1987, којшто е повеќе говорен отколку музички.