Во нова студија објавена минатата недела во академското списание „Клетка“ (Cell), се тврди дека само еден протеин кај колонијата „скокачки мравки“ (Harpegnathos saltator) може да предизвика промена на социјалниот статус, што би се рекло премин од просјак до крал, односно во случајов до кралица.
Како и голем број други видови мравки и овој „скокачкиот“ се состои од трудољубиви работници (кои работат, нели, како мравки), кои собираат храна и се борат со натрапници, и единствена владетелка, кралица која е истовремено мајка на нови работници. Кога таа ќе умре, работничката класа на овој вид мравки почнува да се пресметува меѓусебно околу тоа кој ќе го заземе нејзиното место. Koнкурентките се претвораат во мравки со кралски квалитети, зголемувајќи ги своите јајници и намалувајќи ги ќесињата со отров. Тие ги напуштаат своите дотогашни обврски и почнуваат да се репродуцираат и да несат јајца, симулирајќи кралски карактеристики. За ова се знаеше и до сега, но беше мистерија што ја поттикнува оваа трансформација.
За да го заклучи тоа, тимот позади новата студија експериментирал со скокачките мравки, со тоа што нивните неврони ги изложувал на различни нивоа хормони, и тоа на два специфични хормона за кои се верува дека го регулираат социјалното однесување. Резултатот е дека само еден протеин, тн. Kr-h1 во мозокот на мравките е доволен за да издигне мравка од работничка во кралица. Тој се однесува како некој вид „прекинувач“, чие вклучување генерира или „работнички мозок“ или состојба на по „аристократско“ однесување (барем такво долично за една кралска мравка).
„Со други зборови, деловите и на д-р Џекил и на мистер Хајд се веќе испишани во геномот; секој може да игра било која од улогите, во зависност од тоа кои генетски прекинувачи се запалени или исклучени“, вели епигенетичарката Шели Бергер од Универзитетот Пенсивланија, ко-авторка на студијата. Следно, погодувате, е проучување на тоа дали истиот протеин Kr-H1 постои во други социјални организми кои се посложени од „обични“ мравки.