Украинско-рускиот уметник Аљоша одржа антивоена интервенција пред Споменикот на татковината во Киев против руската инвазија во Украина. Држејќи во рацете две розови форми направени од акрил и пластика, уметникот од Киев стоеше гол пред масивната железна статуа посветена на руската улога во Втората светска војна.
„Нема оправдани конфликти, сите се криминал и предизвикуваат насилство и болка на сите видови биолошки суштества“, изјави тој во соопштение. „Секој вид човечка идеологија е насилна“.
Розовите форми кои тој ги држеше се суштински дел од неговата уметничка пракса, наречена „биоизам“. Според неа, и неживите нешта содржат животна сила, и оттаму можат да учествуваат во создавање нови форми на живот.
62-метарската статуа пред којашто тој протестираше е подигната во 1981, а прикажува жена која држи меч во едната рака а во другата штит со вгравирани срп и чекан. Таа е дел од Националниот музеј на историја на Украина во Киев. Од 2015, Украина со закон отстрани од јавниот живот голем број симболи на советскиот комунизам, меѓу кои и српот и чеканот. Од тогаш постоењето на овој споменик создаде политичка тензија, и покрај тоа што воените споменици беа изземени од забраната.
И други уметници активистички настапија по објавувањето војна од страна на Русија. Една од основачите на Пуси Рајот, Надја Толокониковa, отвори децентрализирана автономна организација (заедница во сопственост на нејзините членови чии финансиски трансакции се вршат преку блокчејн, во форма на криптовалути), за да покрене фондови за украинските цивилни организации кои помагаат на луѓе кои се исселени или во опасност. 10.000 дигитални дела (NFT) во валутата етереум ќе помогнат на различни невладини организации и фондации.
Уметниците кои протестираат на улиците во Русија се изложени на голем ризик од апсење, па оттаму и ова понагласено свртување кон социјалните медиуми и интернет. Но некои не се плашат да искажат и сосема отворен став, како досегашната директорка на државниот театар Мејерхолд во Москва, Елена Ковалскаја, која даде оставка, велејќи дека „не може да работиш за убиец и да бидеш платен од него“.