„Не бев ни 24 часа во Бразил кога ми беше кажана една тајничка. Во локално барче, едно ново бразилско другарче, држејќи оросено шишенце во рака, ме посоветува: Ако сакаш да фатиш женска вечерва, не ја прашувај дали сака пиво (cerveja), туку пивце (cervejinha). Ќе те засака веднаш штом го употребиш овој збор“.
Вака почнува јазичко-патеписна репортажа на коментатор на Гардијан, за неговото воведување во симпатичниот но комплициран деминутивен говор на Бразилците. Има така, вели тој, јазици во кои како да е паднат капакот од соларникот (во случајов - шеќерарникот), па сите зборови се малку послатки отколку што би требало. И тоа во земја позната по големи работи - Амазон, огромната статуа на Исус и карневалот. Но дури и тие се подложни на „нагалени“ верзии, па така стадионот изграден веднаш до најголемиот Маракана, кој служи за кошарка и ракомет се вика - Мараканче.
Објаснувањето на бразилските лингвисти е дека Бразилците се топли, мили луѓе, живописни и живи, па зборувањето во деминутив им служи за искажување блискост и приврзаност. И нормално, ова веднаш ни асоцираше на нам поблиските балкански народи, и на самите нас.
„Ај на едно кафенце“. „Кај си ма срцка?“. „Дај бе стотче“, „Уживкај“. Нагаленото се користи меѓу блиски, или меѓу подалечни за намалување на дистанцата и воспоставување поинтимен однос, па дури и за другиот, сега веќе ближен, да се навреди/смали во нашите и туѓите очи. Но понекогаш деминутивот знае да излезе ироничен. Како „Си купив количе“ (огромен џип), „Ќе доцнам минутка“ (а доцни 20), „Си исплаќале хонорарчиња“ (од илјадници евра), „Беше гласничко“ (се тресела земја). Како да има вграден потенцијал за манипулација во умилкувањето и смалувањето, (не)свесна намера наместо вистинскиот збор да се користи деминутив-еуфемизам кој ќе ја затскрие проблематичноста на ситуацијата, но која може да служи и за потсмев (мажуле, женче) и за апсурден хумор (Величе, џинче).
Се распрашавме за тоа како стојат работите кај нашите соседи. Бугарите имаат и свој збор за деминутив - „умалително“. Од „кученце, парички, котенце“, преку „биричка, мастичка, сланинка, кафенце“ до „копеленце“ (копиленце), тие го имаат издигнато „слаткото“ зборување на повисоко ниво од нас.
Но за деминутивите како да важи некое необично климатско правило - колку потопло, толку поинтимно. Шампиони во деминутивите во несловенските балкански јазици оттаму изгледа се Грците. Тие не само што имаат „намалени“ форми од вообичаените нешта како храна, деца и животни, туку изобилно користат и тн. хипокоризми (галовни форми на лични имиња), како нашето Влатче, Зорче, Славчо - Софаки, Катеринаки, Мараки, кои оддекнуваат низ грчките маала и во народните песни, во кои додуша најчест деминутив се однесува на мајката - манула (од митера, мајчице). Често користат деминутив и на сами по себе доволно мили придавки, па од „слатка“ (глики) за степенување има и „слаткичка“ (гликула, на пример за девојка). Но додека ние немаме „умилкувачка“ форма за нашата земја (вели некој Македониичка?), тие и во ова нè шијат, па велат, на пример, „Колку си ја сакаме нашата Еладица“.
Во интересен текст на грчка лингвистка под наслов „Проблематизирање на грчкиот деминутив: род, култура и здрав разум“ објавен во списанието „Дискурс и општество“, таа тврди дека употребата на деминутиви барем во нивната култура (а се ни се чини дека е така и универзално) од страна на мажите главно служи за амортизирање на внатреродови конфликти и машки „бондинг“, со користење на „намалени“ пежоративни изрази, кои со деминутивот добиваат на милозвучност
(„Кај си бе, педерче/братче итн.“). На жените пак им е „дозволено“ да ги користат во многу поголем обем, кон деца, кон жени, и кон сопствените мажи, на начин кои последниве ги инфантилизира („мојот Јоргаки“).
И по кој знае кој пат јазикот излезе минско поле за кажаното, премолченото и она меѓу редови. Дури и она што изгледа слатко, мило, нежно може да содржи елементи на манипулација. Помислете на тоа следниот пат кога некој ќе ве нарече „миличко“, особено ако е од југот.
Претходно: Јазично галење
Зошто користиме деминутиви за работите што ни се мили?