Ви се допаѓаат модели на авиончиња? Ви доаѓа да издишете со „о-ооо“ кога ќе видите сет од оние малецки кујнички, со уште помали шољички за чај? Или бебе бувче? Сите овие се реакции на желбата за симболичко „припитомување“ на сето она што е нехумано големо, или на желба за наше сопствено враќање во времето кога сме биле помали, па оттаму послатки и погалени.
Но за постигнување на истиот ефект не мора да правите макети или да гледате од оние вирални видеа во кои се прават минијатурни верзии од предмети, можете едноставно да користите деминутив, изведена именка што во однос на основната означува нешто мало или смалено. Сонценце, маче, Величе, миличко, срценце, па дури и (мило) гомце...
Според долното видео, употребата на деминутивот го означува моментот кога почнуваме некого или нешто да сакаме. Тоа е и моментот кога лингвистички и ментално тоа нешто го минијатуризираме, за полесно да го „совладаме“, да го интимизираме. Шампиони во деминутиви кај јазиците има повеќе - шпанскиот, на пример, особено оној зборува во Латинска Америка, го користи за необични именки, како ахора (момент, минута) кој во деминутив, ахорита значи „само кратка секунда“. Ун кафе станува ун кафелито, што не значи дека шољата кафе се смалила туку асоцира на поголема блискост во чинот на пиење на кафенцето.
И другите медитерански јазици, како италијанскиот или грчкиот се полни со деминутивни нежности. Па дури и германскиот, кој е стереотипно познат како строг и студен, ги има еден куп. Изгледа дека авторот на видеото е Британец штом вели дека англискиот е еден од оние кои најслабо стојат со деминутиви. А според него причината е британската стегнатост и стравот да не се покаже слабост и нежност, дури ни преку јазикот.
Еве го видевцето:
Претходно: Јазично галење со деминутивчиња од разни јазици