„Нудистички раеви“ - нова изложба во Марсеј дозволува голи посетители, под еден услов

Музејот на Медитеранот или МУЦЕМ, како што вели и самото име, е мултидисциплинарна институција која комбинира антропологија, историја, археологија и современа уметност за да го прикаже широкиот спектар на медитеранскиот свет и неговиот дијалог со Европа. Е сега тој музеј дозволува и посетители-нудисти, на нова изложба посветена токму на нудизмот.

Целосното име му е Музеј на цивилизации на Европа и на Медитеранот (МУЦЕМ). Отворен е во Марсеј во 2013, а веќе следната година влезе во 50-те најпосетувани музеи во светот. На 3 јуни тука беше отворена изложба под наслов „Нудистички раеви“, инспирирана од новиот тренд за натуризам, кој оди рака под рака со здравите, вегетаријански начини на исхрана и употребата на природни терапии, медитација и јога на отворено. Истовремено, Франција е светска туристичка дестинација број 1 за нудисти, и е едно од ретките места во Европа каде нудизмот е толку слободен и поддржуван. 

Изложбата ги истражува првите нудистички заедници кои во Европа се појавиле најпрвин во Германија и Швајцарија, а потоа во Франција во 1920-тите. Таа вклучува 600 артефакти: фотографии, филмови, списанија, секојдневни предмети како и слики, цртежи, книги и скулптури. 

За да биде целосно доследна на својот наслов, изложбата дозволува и една вечер за голи посетители, во соработка со Француската федерација на нудисти. Единствен услов е тие да носат обувки, не заради тоа што музејот има нешто против голи стапала, туку поради дрвениот под кој можел да пуштал „жбици“.

Изложбата трае до 9 декември. Повеќе за неа на официјалниот сајт.

29 август 2024 - 15:45