Камас Дејвис е поранешна уредничка и новинарка во познати американски списанија за готвење и патувања. Во 2009 престојувала во Гаскоња, во југо-западна Франција, за да го проучи процесот на колење животни и производство на месо. По враќањето од таму го формирала Портланд мит колектив, која во меѓувреме станал локален и национален ресурс за реформа на производството на месо. Во 2014 го покрена проектот „Добро месо“, непрофитна организација за промоција на одговорно конзумирање месо преку искуствено образование низ целата земја. Марта Стујард и даде награда, а оваа пак ја научи како најлесно да убие мисирка.
Во новата книга „Убивање: образование“, која е еден вид мемоар, таа го опишува процесот низ кој поминала во текот на нејзината обука во Франција. „Морав да се соочам со моментите на згрозеност и тргање на погледот, кога не сакав ниту да видам ниту да знам“, вели таа. Но ова искуство и помогнало да си ја потврди теоријата дека не секое месо е исто со друго, и дека истото важи и за одгледувањето животни.
Во интервју за НПР таа објаснува кои се нејзините основни интереси: Како се користи земјата за одгледување животни чие месо го јадеме. Какви се практиките на загадување. Дали храната е безбедна за нас Дали животните имаат добар живот и добра смрт. Дали нивното месо е вкусно. Сите овие нешта играат улога во комплицираната сложувала на тоа што претставува етички добиено месо.
Начинот на кој таа ги образложува своите ставови звучи сурово, но она за што таа се залага е безболна смрт за животните со струја, што е според неа ок и за животните, а и за нас бидејќи така добиваме месо кое не доживеало стрес, односно без хемиските реакции кои произлегуваат од болна смрт на животното.
Сепак, таа признава дека денес не јаде толку месо колку порано, а и она што го јаде е поскапо затоа што доаѓа од фарми каде не се произведува масовно. Таа ја критикува и важечката регулатива во САД за тоа што претставува „органско“ или „природно“ месо, бидејќи начинот на кои се составени законите остава многу маневарски простор за производителите.
Секако, Дејвис е постојано на мета на критика и „герилски акции“ на организации и поединци кои се против јадење какво и да е месо и убивање животни за таа цел. Во новата книга е опишан настан, „Банигејт“, кога крадци ги украле 18-те зајаци кои нејзиниот колектив ги одгледувал за да ги употреби за часови по месарски занает. Исто така скандал предизвика текст посветен на нејзината работа во Њујорк Тајмс кој беше придружен со фото на тинејџери кои позираат покрај неа, додека таа држи глава од прасе во тацна.