
Производителот на кукли, Мател, ја изработи новата Барби со дијабет во соработка со организацијата Брејктру (поранешна Juvenile Diabetes Research Foundation), со цел да претстави околу 304.000 деца и тинејџери во САД кои живеат со ова заболување.
Покрај инсулинската пумпа околу нејзиниот струк, Барби има и уред за континуирано следење на шеќерот во крвта на нејзината рака, залепен со лента во форма на срце, во розова боја. На мобилниот ѝ се прикажуваат вредностите на шеќерот, а во светлосина ташна носи прибор и ужинки за регулирање на шеќерот во текот на денот – а сè е усогласено со нејзините чевли.
Емили Мазреку, директорка за маркетинг и комуникации во Брејктру, и самата живее со тип 1 дијабетес и соработувала со Мател на дизајнот. Апликацијата на телефонот на Барби прикажува вистински податоци од еден нејзин ден. На графиконот на уредот се гледаат дневните варијации на шеќерот. Таа две години водела фокус групи за да се осигура дека куклата реално го претставува искуството на луѓето со тип 1 дијабетес.
„Мател ни се обрати и ни кажа дека сакаат оваа кукла да биде дел од нивната линија Фашиониста, и веднаш прифативме“, изјавила Мазреку. Во таа линија има над 175 различни изгледи – различна боја на кожа, очи, коса. Има Барби со слушен апарат, слепа кукла со бастун, кукла со протеза и кукла со витилиго.
Портпарол од Мател изјави дека зголемувањето на бројот на кукли со кои децата можат да се идентификуваат останува важен приоритет. Во 2024 година, куклите со Даунов синдром и слепата Барби биле меѓу најпродаваните низ целиот свет.
Првата Барби со попреченост се појавила во 1997 година - „Share-a-smile Becky“, која користела инвалидска количка. Тогаш родителите забележале дека нејзината количка не може да влезе во куклената куќа – ситуација со која се соочуваат многу луѓе со попреченост.
Види претходно: „Јади олово: кога активистите ја хакирале Барби што зборува“