Помеѓу најбараните подароци за новогодишните празници во 1993 била куклата на водникот Дјук, кој иако бил од пластика изгледал како да е направен од гранит. 30-сантиментарската фигура била дел од специјална серија на фирмата Хасбро - кога детето ќе му ги притиснело градите се активирал глас на војникот, кој му овозможувал на Дјук да извикува серија команди или закани.
Но голем број деца кои го добиле за Божик таа година Дјук биле збунети. Затоа што кога ќе го притиснеле, тој извикувал, со женски глас, „Ајде на шопинг!“.
Истовремено биле збунети и родителите кои на своите деца им ја купиле тинејџерката Барби што зборува на Мател, која исто така била опремена со гласовен чип. Наместо да зборува за облека или шминки, таа со длабок машки глас извикувала: „Јади олово!“ или „Одмаздата е моја!“.
Куклите не биле ефтини - секоја коштала 40-50 долари. Откако ги испитале кутиите барајќи траги на кинење, родителите наишле на белешка која го објаснувала однесувањето на куклите. Група која се нарекувала Организација за ослободување на Барби презела одговорност за интервенцијата. Целта на нивниот „перформанс“ била да се поттикне дискусија за родовите улоги во Америка.
Од нејзиното појавување во 1959, Барби станала аватар за девојчињата во потрага по модел за својот изглед и однесување. Обемот на нејзиниот струк, нејзината вила на Малибу - сето тоа создавало стереотипни идеи за тоа што значи да си женско во САД во тој момент. Дебатата станала полоша во 1992, кога Мател издал тинејџерска варијанта на куклата која викала „математиката е тешка!“. Женските активистички групи биле гневни, сметајќи дека Барби шири погрешни идеи кај младите девојки.
Иако оваа фраза можела да ја изговори по случаен избор само една од 270 кукли, а другите имале поинаков текст (на пример „Го сакам училиштето, а ти?“), биле иницирана кампања за повлекување на сите кукли. Мател се извинил, но не го сторил ова.
Дебатата му го привлекло вниманието на Игор Вамос, студент по визуелна уметност на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего. Тој бил поттикнат од идејата за „културолошко реметење“, вид аналогно хакирање кое создава контроверза. Ако Барби подучувала пасивност и сексизам, тогаш било потребно да ѝ се даде поинакво сценарио.
Тој купил десетици Тин Ток Барби и Дјук кукли и со неколку помошници ги „дисецирал“ куклите за да стигне до гласовните чипови. Волонтерите користеле нож за да ја пресечат кожата на куклите, а потоа го модифицирале транзисторот на Дјук за да може да влезе во помалото тело на Барби. Со други зборови, ги замениле чиповите, односно сценаријата. Во секоја кутија ставиле белешка со порака до родителите да го пријават случајот до медиумите. За да го забрзаат процесот им рекле на пријатели да ги купат куклите и да го сторат истото.
По неколку недели почнале повиците на родителите кои пријавувале дека нивната Барби извикува „убиени мажи не кажуваат лаги“ а дека Дјук ја планира својата „свадба од соништата“.
Планот успеал и медиумите ги пренесувале ставовите на организацијата зад протестот. Вамос дури продуцирал и видео кое користело Барби кукла за да ја пренесе нивната мисија. „Тие нè прават на начин кој ги поддржува родовите стереотипи“, изјавила играчката. „Тие пак имаат негативен ефект врз развојот на децата“.
Иако целиот настан поминал релативно брзо и без големи последици (играчките можеле да бидат заменети со „нормалните“), не сите сметале дека ова е вистинскиот начин за ширење свесност, а имало и такви кои ова го нарекле „терористички чин против деца“. Главните на засегнатите компании самите не делувале многу засегнато и го нарекле случајот „блесав“. Сепак, Вамос продолжил да се занимава со активизам, станувајќи дел од „Д Јес Мен“, перформанс група која изведува "социјални реметења“ на различни актуелни теми.