Барбиките - оние русокосите, белите, младите, често се критикувани врз основа на повеќе концепти, на пример поради материјализмот (трупањето куќи и облека) и нереалистичните телесни пропроции. Мател, производителот на Барби, на критиките одговара со нова линија која ги слави жените кои придонеле на различни полиња, а најновата - трета после Роза Паркс и Флоренс Најтингел, е кукла направена според ликот на писателката Маја Ангелу.
Во текот на нејзиниот живот Ангелу имаше добиено голем број награди, меѓу кои и претседателскиот орден за слобода од Барак Обама. Сега на починатата поетеса и активистка за граѓански права ѝ се оддава малку поинаква почест - со кукла. Таа носи марама на главата, накит и цветен фустан, а нејзина цел, според производителот, е да ги слави жените кои преземаат ризици, ги менуваат правилата и го поплочуваат патот за идни генерации девојчиња.
Синот на Ангелу, Гај Џонсон, изјавил дека е воодушевен што неговата мајка била одбрана да стане Барби, додавајќи дека се надева дека на овој начин таа „ќе инспирира нови генерации наставнички, писателки и активистки“.