Нова студија за дилема стара 200 години: од каде потекнуваат сите индо-европски јазици?
Околу 46% од човештвото, што значи над три милијарди луѓе, како мајчин зборуваат јазик кој спаѓа во индо-европското семејство. Но кој прв го зборувал? Сточари од источна Европа и западна Азија или земјоделци од Анадолија? Одговорот на ова прашање ги мачи антрополозите и лингвистите веќе два века. Сега, статија објавена во списанието Science сугерира трето место: областа околу Кавказ (Caucasus Minor), која опфаќа делови од Ерменија, Азербејџан, источна Турција и јужна Грузија.
Прото индо-европскиот е нај „мртвиот“ но истовремено и најживиот од сите јазици. Последниот негов говорител умрел пред илјадници години, а дури и да имало писмени траги од него, не знаеме за нив. Единствен доказ за постоењето на ПИЕ се содржани во остатоците во јазиците кои подоцна произлегле од оваа основа.
Модерните потомци на ПИЕ ги вклучуваат англискиот, шпанскиот, рускиот, но и персискиот, бенгалскиот и уште десетици други. Ова е најголемото јазично семејство во светот, а сино-тибетанското, кое го вклучува мандаринскиот, е далеку на второто место, со околу 1,3 милијарди говорители.
Лингвистите до сега бараа знаци за потеклото на индо-европскиот во самите јазици, користејќи филогенетска анализа - проучувајќи ги еволутивните врски со текот на времето. Тие имаат реконструирано речник на ПИЕ кој ни дава извесна претстава за културата на луѓето кои го зборувале. Знаеме дека имале збор за мечка (bʰérōs), гуска (h₂énos), врба (wélə), мед (méli), тресет (péḱus) и оградено место (h₂órtos).
Врз основа на вакви докази, се појавиле две толкувања. Едното дека ПИЕ бил создаден пред 6000 години во понтиско-касписката степа, во низините кои се протегаат од северо-источна Романија преку јужна Украина и југозападна Русија до најдалечниот запад на Казахстан. Номдаските сточари кои живееле тука одгледувале коњи, што им овозможувало да мигрираат на големи далечини. Ова е тн. степска или „курган“ хипотеза, според локалниот збор за предисториските гробни места со кои е исполнета областа.
Други истражувачи одат и подалеку во времето и појужно: пред 9000 години во Анадолија, денес азиски дел на Турција. Теоријата е дека развојот на јазикот е поврзан со развојот на земјоделството од тука до подалечните краишта на Стариот свет.
Поаѓајќи од овие две претпоставки, авторите на спомнатата нова студија конструирале свежа дата база - речник составен од зборови од 161 индо-европски јазик, многу побогата од претходните. Користејќи неодамнешни пробиви во филогенетската анализа тие процениле дека ПИЕ е стар околу 8100 години и дека пет главни ограноци веќе биле издвоени пред 7000 години.
Резултатите не се совпаѓаат ниту со курганската ниту со анадолската хипотеза. Всушност, истражувачите нудат трета можност: раната татковина на ПИЕ да се наоѓа јужно од Кавказ, со тоа што една миграциска линија оди накај на север, во степата. Таму говорителите на ПИЕ воспоставиле „втора татковина“, од каде индо-европскиот влегол во остатокот во Европа пред 5000 години.
Со ваков хибрид на земјоделската и сточарската теорија, хипотезата нуди решение за енигмата која ги мачи истражувачите веќе 200 години. Волфганг Хаак, лидер на типот за археогенетика на Институтот Макс Планк за еволутивна антропологија, учесник во студијата, вели дека ова е голем чекор напред од претходно ексклузивните сценарија, кон модел кој ги интегрира археолошките, антрополошките и генетските наоди.