Роден во 1968, тој често изјавува дека се родил доцна, во генерација фатена помеѓу онаа на „бејби бумерите" кои исконсумирале сè што стоело на располагање, и онаа на нивните деца, кои „го претвориле светот во нешто виртуелно и студено".
За негова среќа, кога наполнил 26, списанието Ролинг Стоун му дало задача да ги следи Стоунси на тура низ САД. Тоа било прекрасна забава на која бил опкружен со „музика, кожа, сенки за очи, шпански штикли и џин". Кит Ричардс, опишувајќи ја приврзаноста кон бендот на Коен, еднаш изјавил: „За него постојат само сонцето, месечината и Ролинг Стоунси". Така настанал и насловот на оваа книга.
Откако била објавена репортажата од споменатата тура, публицистот на Џегер се јавил за да се пожали околу насловот - „На пат со Ролинг Стоунси", иронично забележувајќи дека подобар наслов би бил „Го сакам Кит Ричардс и сакам да му родам дете", заради очигледната опседнатост на авторот токму со овој лик. Сепак, критичарите поинаку ја доживуваат оваа книга: „Коен пишува како што Џегер пее: со многу енергија, сензуалност и креативност". Таа е делумно мемоар, културна историја, манифест и поглед зад сцената на еден од најзначајните светски бендови. Има тука и малку претенциозност („Ја чекавме следната плоча како што луѓето некогаш го очекувале новиот памфлет на Волтер"), интересни дефиниции („љубов од Битлси, секс од Стоунси) и споредби („Брајан Џонс, како и Исус, мораше да умре за тие да не мораат").
Како илустрација на стилот, дел од книгата кој се однесува на настанокот на „Сатисфекшн" и односот на Џегер кон песната многу години подоцна. Во 1998 тој му рекол на Коен:
„Песната како да постои отсекогаш, се има толку вртено на радио, милиони пати, што веќе не ја ни забележуваш. Не мислиш на неа, уморен си од зборување на таа тема. Но таа не мораше да се случи. Да не беше напишана и снимена на времето, кој знае што би се случило. Таа беше причината зошто не станавме само уште еден добар бенд со фин тираж. Тој ран голем хит е од суштинско значење. Можевме да бидеме успешни и без него, но ништо повеќе од тоа. „Сатисфекшн" го направи тоа за нас. Апсолутно ви треба таа една песна."
Сепак, секој успех на некоја песна според Коен треба да биде сфатен во контекстот во којшто е настаната. „Не можеш да го разбереш Брандо во 1954 ако не го споредиш со Гери Купер. Ако сакаш да го процениш влијанието на Елвис Присли во 1956, спореди го со Пери Комо". Така и оваа песна, настаната во 1965, треба да се спореди со други од истото време, за да се сфати каков квантен скок преставувала таа за самиот бенд, но и за генералното културно милје, во кое од тој момент во бинарноста Пепси или Кока-кола, Марлборо или Кул, влегла и онаа Стоунси или Битлси.
Извадок од книгата на оваа тема тука