Книгата на Хенкс е со наслов Uncommon Type (двосмислено - како „необичен тип“, но и „необична типографија“) и, некако логично, се врти околу неговата веќе славна опседнатост со машини за куцање, кои се среќаваат во сите раскази. Еден од нив, за астронаутот Алан Бин, четвртиот човек кој зачекорил на Месечината, беше во целост објавен во Њујоркер со одлични критики (за тоа пишувавме тука).
Но останатите раскази, барем според досегашните рецензии, се под негово ниво, и полни со клишеа, наводно посебно кога станува збор за женските ликови. Најслабите се всушност автокоментари на филмскиот живот на авторот - референци на „Спасувајќи го војникот Рајан“ или „Капетан Филипс“, но „на местото на живите филмски, со умртвени книжевни ликови“. Има и приказни за имигрант кој пристигнува во Њујорк, за човек кој станува ѕвезда во куглање и за ексцентричен милијардер.
Хенкс вели дека користи машина за куцање скоро секој ден за испраќање писма - поседува 270 од нив. Сепак, иако почнал да ја пишува книгава на тој начин, наскоро се откажал во корист на компјутер, и тоа само заради практичноста на опцијата „дилит“. И додека рекламите за книгата ја опишуваат како „атмосферична“ (што и да значи тоа) и дека е напишана „со нежен, разговорен и често носталгичен тон“, други велат дека требал почесто да го користи спомнатото копче. Слично како што тоа би требало да го направат и други негови холивудски колеги кои од каприц сакаат да се опробаат во пишувањето.