Нова дефиниција на „музеј“ предизвикува меѓународна дебата

ИКОМ (Меѓународниот совет на музеи) во септември треба да гласа за редефинирање на самата институција со чиј развој и заштита се занимава. Предложената промена вклучува термини како „социјална правда“ или „глобална еднаквост“. Критичарите велат дека за повеќето музеи ова е идеолошки обременета дефиниција.

Дефиницијата на тоа што е музеј на Меѓународниот совет на музеи (ИКОМ) 50 години функционира како заедничка основа за ваквите институции ширум светот. Но од 2018 во повеќе земји, па и кај нас ограноците на ИКОМ дискутираат за ревидирање на постоечкиот текст, кој го дефинира музејот како „непрофитна институција“, која „набавува, конзервира, истражува, комуницира и изложува движно и недвижно наследство на човештвото и неговата животна околина, заради образование, проучување и уживање“.

Обновената верзија би требало да спомнува „човечко достоинство и социјална правда“, референци кои ја поделија заедницата од 40.000 професионалци кои претставуваат 20.000 музеи. Минатата недела, 24 национални огранока на советот - вклучително и оние на Франција, Италија, Шпанија, Германија, Канада и Русија, побарале одложување на официјалното гласање за ревизијата, за да подготват „нов предлог“.

Главен иницијатор за менување на дефиницијата е Џете Сандал, данска кураторка, која тврди дека моменталната „не го зборува јазикот на 21 век“ и ги игнорира потребите од „културна демократија“. Нејзиниот ревидиран текст гласи:

Музеите се демократизирачки, инклузивни и полифонични простори за критички дијалог во врска со минатата и иднините. Земајќи ги предвид и дискутирајќи за конфликтите и предизвиците на сегашноста, тие чуваат артефакти и примероци задолжени од општеството, ги обезбедуваат различните спомени за идните генерации и гарантираат еднакви права и еднаков пристап до наследството на сите луѓе.

Музеите не се за профит. Тие се партиципативни и транспарентни, и работат во активно партнерство со и за различни заедници заради собирање, чување, истражување, интерпретирање, изложува и зголемување на нашето разбирање на светот, со крајна цел придонесување кон човечкото достоинство и општествената правда, глобалната еднаквост и планетарната благосостојба.

Предлогот веднаш наиде на реакции. Жилиет Раул-Дивал, која претседава со ИКОМ Франција, го отфрли како „идолошки манифест“, објавен без консултација со националните ограноци. Дури и поранешниот директор на ИКОМ, еден од пионерите на тн. „нова музеологија“ бил изненаден од „напумпаните изрази“ кои не прават разлика помеѓу музеј, културен центар, библиотека или лабораторија.

И други критичари сметаат дека дефиниција треба да биде едноставна и прецизна реченица, а не некаква апстракција која нема да може да се вклучи во националното или меѓународното законодавство.

Во април оваа година ИКОМ почна да објавува листа со предлози од различни земји за нова музејска дефиниција. Во моментов на неа има 269 од нив. Гласањето за некоја од нив, за онаа на Сандал или за некоја друга ќе се одржи на вонредно Генерално собрание на организацијата на 7 септември во Кјото, Јапонија.

извор

22 август 2019 - 22:10