Во антологискиот Којанискватси, првиот од трилогија апокалиптични документарно-визуелни патувања на Реџио, среде толпата стои еден човек и гледа директно во камерата. Таму ваквата сцена е исклучок. Но во новиот филм на Реџио, ова е правило.
Режисерот, кој оваа недела ќе полни 75, ги поминал неговите педесети и шеесети како активист на католичкото христијанско братство, работејќи со уличните банди во Ново Мексико, или како што вели самиот „како машка калуѓерка". Лицата на оние кои ги среќавал му оставиле неизбришлив впечаток, но и гледањето на сопственото во огледалото, како вид ментална вежба, кога сакате ќе го постигнете оној момент кога вашиот сопствен лик станува нешто чудно, туѓо и не-ваше. Токму затоа го посветил новиот филм на лицата, соочувајќи ја публиката со 74 едвај подвижни црно-бели ликови, при што неговата намера е насочена „повеќе кон соларниот плексус (стомакот), отколку кон умот".
Но првата и клучна слика со која се отвара филмот е горилото по име Тиск, во чии длабоки очи зјапаме цели две минути. Дури потоа следат човечките лица, придружени со музиката на постојаниот соработник на Реџио, Филип Глас.
Ликот пак на самиот Реџио е на мудар старец, со пожолтена брада, веројатно од постојаното пушење луле. Во интервју за Гардијан, тој раскажува како заминал од дома на 14 години и никогаш не се вратил. Заминал во нешто што го опишува како среден век, во кој неговиот Че Гевара бил Јован XXVIII, папата кој никогаш не сакаше да биде папа. По деценија хуманитарна работа во Ново Мексико, тој се придружил на масовниот егзодус на млади католички идеалисти од црквата, кои се надеваме на посуштествени реформи од вториот Ватикански концил во 1960-тите. Тогаш го видел филмот на Буњуел, Los Olvidados, кој толку го погодил што одлучил и самиот да снима. Освен Буњуел тој го смета за ментор, пријател и гениј ерменскиот визуелен поет Артавазд Пелешијан, за чиј филм од 1975 „Годишни времиња" вели: „Ако огнот е медиумот, јас фрлам искри, а тој молњи".
Во 1972 Реџио помогнал во медиумска камапања во Мексико која се однесувала на зголемената контрола и прекршување на приватноста, сето она што подоцна ќе стане тема на Гардијан/Сноуден/NSA. Во седумдесетите тоа можело да се насети, кога новороденчињата почнале да добиваат универзален идентификациски број (ЕМБГ) при раѓањето. ТВ спотовите кои ги направил на оваа тема биле без зборови, а една од сликите била снимка од блиску на човечко око кое делувало „навистина морничаво".
И покрај богатата режисерска кариера и слава, Реџио не се смета за режисер во стандардната дефиниција на зборот, а уште помалку за авангарда. „Моите филмови се сине-монади, тие не се вклопуваат во стилот на експерименталните филмови кои ќе ги видите во антологиите на филмските архиви на Њујорк. Вработените таму се очајни што не можат да ги категоризираат во ваков жанр, затоа што моиве биле 'преубави'. Не ми е гајле каде спаѓаат тие. Убавината е провокација, а мојата особена провокација е да ја прикажам убавината на ѕверовите".