Класиката од 1969, „Во тајната служба на Нејзиното Височество“, кој се смета за еден од најдобрите Бонд филмови, се отвара со сцена во која 007 го лизга Астон Мартин-от на плажа на зајдисонце. Скокајќи од колата за да спаси убавица од скокање во океанот, тој по пат успева во борба гради во гради да совлада и неколку од „лошите“. Но кога победнички се врти кон девојката, таа студено си влегува во колата и заминува.
Оставен сам на песокта, Бонд, во филмот игран од манекен на кој ова му е прва улога, се врти кон камерата и ги изговара антологиските зборови: „Ова не му се имаше случено на оној другион“.
Под „другион“ се мисли на Шон Конери, кој во претходните пет филмови го играше Бонд. Но ова не е единственото што им се имало случено на „другите“ кога е во прашање Лejзенби. Тој е единствениот кој дебитирал во оваа улога, единствениот Бонд од Австралија, и за разлика од неговите колеги како Конери, Мур, Далтон, Броснан и Крег, единствениот кој го играл Бонд еднаш - и никогаш повеќе.
Лejзенби, кој денес има 77 години, вели дека самиот ја измислил репликата, откако за време на целото снимање се жалел за сенешто, велејќи дека „сигурно оној другиот не морал да се занимава со тоа“. Тогаш режисерот, Питер Хант, веројатно доволно изнервиран, го снимил како го вели истото, и го ставил во филмот. Лазенби тврди и дека, за разлика од другите Бондови не користел статисти, додека „Шон Конери не правеше чекор без да викне ’статист’!“
Овие и куп други детали се опишани во нов документарец под наслов „Станувајќи Бонд“ кој го истражува животот на Лejзенби. Еден од најинтересните моменти е оној во кој се прикажува како поранешниот манекен со л’жги и местенки си го пробил патот до аудицијата, преправајќи се дека е искусен актер и, наспроти сите очекувања, ја добил улогата.
Но гледачите упатени во приказната од филмот очекуваат само еден одговор - како (побогу) тој успеал да направи толку погрешна проценка, и да одбие милионски договор за следните шест продолженија?
„Ми рекоа дека Џејмс Бонд е мртов лик. Тоа демек била работа на Шон Конери, нешто што припаѓа на шеесетите, љубов а не војна. Хипи време. Помислив дека има логика. Рекоа дека има и некој тип, се викал Клинт Иствуд, и правел филмови во Италија, добивајќи 500,000 долари месечно, за да прави вестерни. Рекоа, ете што можеш да правиш. Па тогаш не чувствував дека губам милиони долари“.
Лejзенби тврди дека потоа бил на црната листа на индустријата, бидејќи станал симбол на „еден филм-едно чудо“. Почнале да се шират и гласини дека е тежок за соработка, што воопшто не било точно. Сепак, не дека му било лошо во остатокот од животот - бил згоден дечко од Австралија кој некогаш го играл Бонд, па не можел глава да крене од жени. За време на снимањето на филмот пиел само пиво („еднаш пивнав мартини и не ме бендиса“), но потоа му тргнало, и со алкохолот и со дрогите. И покрај сè, зад себе оставил оставил приказна, која уште трае.
Трејлер за документарецот: