Џефри Хол, пензиониран професор од Универзитетот Брендис (Brandeis University) од Масачусетс неодамна стана еден од добитниците на Нобеловата награда за медицина, за откритија поврзани со нашиот „внатрешен телесен часовник“. Колегите со кои тој го подели високото признание се Мајкл Јанг и Мајкл Рошбаш - Хол во интервју по добивањето на наградата изјави дека соработувал со последниов затоа што тие споделуваат заеднички интерес за „спорт, рокенрол и убави супстанци“.
Половина од професионалната кариера, почнувајќи од 1980-тите, Хол ја поминал во откривањето на мистериите на биолошкиот часовник. Кога ја напуштил науката пред десетина година не бил во добро расположение. Имал големи, и јавни забелешки за тоа како се доделуваат финансии за истражувања, и околу тоа дека научните публикации се полни со предрасуди.
Во интервју од 2008 за списанието Current Biology тој се пожалил дека некои од научните „ѕвезди“ не го имаат заработено својот статус, дека се „славни затоа што се славни“, а сепак продолжуваат да добиваат огромни средства. Неговата лабораторија пак во тој период очајно се обидувала да продолжи со работа, што често било придружено со сеир и лични дисквалификации од колеги-конкуренти, кои зад грб го нарекувале Хол „олдтајмер кого веќе не го бива за наука“. Ова се случувало истовремено додека тој и неговите колеги се занимавале со мушички, не со такви во своите глави, туку со реални мушички кои ги користеле за да дојдат до откритијата кои скоро десет години подоцна им ја донесоа Нобеловата.
Во академските кругови има голем проблем - вишок на научници со докторати кои се обидуваат да добијат постојана работа на универзитети и во истражувачки институти, при што нема доволно работни места, констатира Хол. Конкуренцијата е сурова - самото минување низ вратите на некоја од овие институции подразбира „огромен куп документирани достигнувања“, еквивалентни на нешто што во минатото важело за редовни професори. А кога некој (кого Хол го нарекува „слуга“ или „роб“) конечно ќе добие такво ретко факултетско вработување и ќе почне со истражување, од него се очекува да си обезбеди постојано екстерно финасирање.
„Добиј грант, робу! Ако не можеш тоа да го сториш брзо, или ако неколку години се мачиш да го обновиш финасирањето и покрај континуираната продуктивност, ќе пропаднеш. Но што ако има премногу апликанти (како што и има) што дури и добар предлог не поминува, и тоа е причина целата истражувачка група да мора да запре со истражувањето? Што ако ситуацијата е дополнително влошена ако актуелната влада е анти-научно настроена и си ги троши ресурсите на меѓународен авантуризам?“ - продолжува тој во спомнатото интервју.
Тоа дека оваа година Хол конечно доби пари и слава за минатиот труд е можеби задоволување на некаква правда. Но колку потенцијални Нобелови во моментов пропаѓаат, затоа што за истражувањата кои би можеле да доведат до значајни откритија не добиваат средства, бидејќи нивните раководители не се вклопуваат во групата „славни само поради тоа што се славни“?
Извор: Кварц