
Ново истражување (јули 2025), објавено во стручно списание од областа на биологијата под наслов „Компјутациска урбана екологија на њујоршките стаорци“ покажува дека овие суштества се далеку посоцијални и послични на луѓето отколку што мислиме – па дури и „зборуваат“ со свој акцент.
Научници во тек на три недели минатото лето проучувале колонии од кафени стаорци (rattus norvegicus) на повеќе локации во Менхетн – Јунион сквер, Централ парк и Вест 125-та улица – користејќи термални камери и ултразвучни микрофони. Тие откриле дека стаорците се движат во групи до 20 единки, си помагаат меѓусебно во потрага по храна и испуштаат звучни „свирежи“ што човечкото уво не може да ги чуе.
Во Харлем, истражувачите забележале еден стаорец како со пискот го алармира своето друштво откако пронашол ќеса со храна – практично им ја споделил „адресата на шведската маса“.
Дополнително, студијата потврдила дека њујоршките стаорци имаат свој препознатлив дијалект – нешто што ги издвојува од нивните „роднини“ надвор од градот. Претходни генетски истражувања веќе покажале дека стаорците од горниот и долниот дел на градот се генетски различни, а оние од средината често биле мешани.
Научниците велат дека во „екстремна средина“ каква што е Њујорк, социјалноста е клучна за преживување. „Тие се паметни, издржливи и многу повеќе наликуваат на нас отколку што претпоставуваме“, заклучуваат истражувачите, додавајќи дека Менхетн е со најголема густина на стаорци – околу 77 на километар квадратен.