Македонскиот јазик ѝ припаѓа на Охридската книжевна школа оти од неа потекнува, наспроти бугарскиот, кој ѝ припаѓа и потекнува од Преславската. И двете се формирани кон крајот на IX век, со што се означува почетокот на словенската писменост на овие простори. Значи, два центри од IX век (дијахрониски), кои се наоѓаат далеку еден од друг – Охрид е на југозапад, Преслав на североисток, близу Варна – денес (синхорниски) резултираат со два современи словенски јазици. Толку е проста работата, само треба да ја погледнете од авион за да ја согледате. Не е случајно што Крсте Петков Мисирков – знаел чоекот што зборува – во „За македонцките работи“ – која, патем речено, е спалена од бугарските власти веднаш по објавувањето во 1903 година – го означува Охрид како една од четирите точки, заедно со Битола, Прилеп и Велес, врз кои треба да се стандардизира македонскиот јазик.
Тоа е суштината на проблемот, сѐ помеѓу се настани што се случувале под силни влијанија на тогашните центри на моќ и ако влеземе во нивна анализа, ќе се изгубиме во прашумата од аргументи. Сепак, за Македонија во целиот тој период се клучни два политички настани: 1. укинувањето на Охридската архиепископија (1767) и 2. Берлинскиот конгрес (1878), кога територијата на географска Македонија останува под османлиска власт. Во тој период, од Берлинскиот конгрес до Балканските војни, зрее идејата за македонската самобитност, од проста причина што таа територија е оставена под власт инаква од бугарската, српската и грчката. Затоа во тој период се засилуваат бугарската, српската и грчката пропаганда на територијата на географска Македонија (територија, а не држава, државата е создадена 1944 на еден дел од таа територија), најмногу преку образованието и преку црквата (затоа е клучно укинувањето на Охридската архиепископија).
Ова се некои пресвртни точки во историјата што не може да се пренебрегнат ако сакаме навистина да ги расчистуваме работите.
Од друга страна, пак, ако се фаќаме за гуша кој бил чиј, дури тогаш ништо нема ниту да расчистиме, ниту да решиме. Човекот е кревко, поводливо и, пред сѐ, несвесно битие (сетете се на популарната санта мраз на Фројд). Сите тие преродбеници од XIX и од првата половина на XX век оставале зад себе записи повлијаени од силниот притисок на тогашните центри на моќ, најмногу – повторно – преку образованието и црквата. Многумина од нив во текот на својот живот си ги менувале ставовите, па дури и личните идентитети. Григор Прличев, кого јас го замислувам како некаков луд, заигран гениј (од латинското ludus, што значи игра), бил Григорис Ставридис и пишувал на грчки јазик, па подоцна своите дела ги преведувал на некој свој пансловенски есперанто; Рајко Жинзифов бил Ксенофон Ѕинѕиф; Крсте Петков Мисирков исто така низ животот си ги менувал ставовите околу македонштината, повторно под огромен политички притисок, но факт е дека во 1903 година ја објавува „За македонцките работи“ и факт е дека книгата е спалена од бугарските власти. Што мајка барале да ја спалуваат? Да не им било страв од нешто или ја спалиле со љубов за возвишени цели?
Бесконечни се овие приказни ако се навлезе во нив и убави се за ментална гимнастика, навистина се возбудливи за разгледување, но да се вратам на почетокот и со тоа да го затворам кругот.
Да ги сведеме нештата на нивната суштина: два различни книжевни центри, две различни традиции, две различни семиња посеани кон крајот на IX век денес даваат два различни современи јазици. Толку е просто кога ќе се крене маглата.
Ѓоко Здравески, писател и преведувач (од неговиот фб профил, со дозвола на авторот)