30 септември

Непреводливости за меѓународниот ден на преводот

Денес, 30 септември е Меѓународен ден на преведувачите, поврзан со  Св. Јероним Стридонски, кој се смета за заштитник на овој еснаф. А ним, кутрите, понекогаш навистина им треба некој со натрприродна моќ за да им ги шепне преведувачките решенија.

Во чест на денот Би-би-си замолило преведувачи од целиот свет да испратат примери за тешко преводливи изрази. Еве некои од нив:

Pole sana (свахили)
„Ја чувствувам твојата мака“ или „Со среќа“

Зборот „поле“ е и некој вид поздрав и начин за покажување сочуство со некого во разни ситуации. „Поле“ може да се каже на некој што носи тежок товар (буквално) но и како утеха на некој што има тежок проблем. „Сана“ значи многу, во смисла „многу те разбирам“. Генерално, спротивно на нашиот „сеир“.

Verspargelung der Landschaft (германски)

Трансформација на околината во полиња со аспарагус

Пежоративна фраза која се користи за критикување на влијанието на ветерниците врз пејсажот (затоа што тие така високи личат на аспарагуси).

草泥马
(цаонима - трева кал коњ)

Игра со хомонимот (збор кој звучи исто) цао ни ма, со значење „да ти * мајката“. Ваквата сличност по звук во 2009 го направи овој израз кинеско интернет „меме“, форма на симболички отпор кон широко распространетата цензура во Кина. „Тревнат (влакнест?) каллив коњ“ беше претставен како вид лама алпака, која почна да се произведува и како играчка откако изразот се популаризира. Истата година Аи Вевеи објави слика од себеси гол, само со играчкава на „она“ место.

Faire avancer le Schmilblick (француски)
Шмилблик е измислен предмет кој е апсолутно неупотреблив, нешто како „ово за оно“. Изразот се користи кога група луѓе се обидуваат да сфатат нешто, а некој дава нов но некорисен предлог или аргумент. Тогаш тие му велат „ај ќути, не знаеш кај тераш“.

Avoir le cul borde de nouilles (француски)

Буквално: задникот ти е врамен во шпагети.
Кога имаш голем к’смет, или што би рекле ние „г’злак“.

Пак француски, ама тоа е..

Il (elle) pete plus haut que son cul
Буквално: Тој или таа прди повисоко од својот газ

Човек со високи претензии или „од големото добро утро“.

Наш прилог кон локалната непреводливост:

30 септември 2016 - 16:43