Овде, девојка што мижи на пролетното сонце;
на следната, муцките на две заиграни кучиња
тегнат чорапа. Некаде меѓу сликиве си и ти,
насмеан, со раширени раце и грб свртен кон
водата—или можеби рацете ти се скрстени,
а насмевката смрзната—веќе не паметам,
ги гледам само брановите зад тебе, тмурни и
сиви, тој почеток на пространството меѓу нас,
водите рамнодушни кон прашањето дали сме
живи, но јас посакувам (од петни жили!) да си
здрав – мижам и те замислувам осветлен од
истово сонце; и ти шеташ со некој што те сака,
може со фотоапарат во рака, и застанувате
крај две улични кучиња што си играат како
ништо друго на светов да не е поважно од
таа излитена стара чорапа што ги поврзува.
Магдалена Хорват
(oд збирката „Синкаво и други песни“, Македонска реч, 2010)