Ги споредуваат со „Велвет Андерграунд“,„Д Стуџис“ и со Џон Колтрејн, но со многу порадикална комбинација на сеизмички гитарски звуци и увобушечки „фидбек“. Јапонскиот бенд „Ле Рализ Денуде“ бил формиран во 1967 на Универзитетот Дошиша во Кјото, а неговиот стил го одбележувале едноставни повторливи инструментални пасажи, какофонични гитарски звуци и фолк аранжмани. Дискографијата им се состоела главно од бутлег снимки во живо и неколку напуштени обиди за снимање во студио.
Фронтмен на бендот бил Такаши Мицутани, за кого не се знае многу, освен дека бил дел од политички и културно прогресивниот кампус, и вклучен во студентски театар на универзитетот. За некоја претстава тие измислиле лажен француски сленг, од кој произлегло и бесмисленото име на групата, кое е најблиску до „вализ денуде“ или „празни куфери“. Но „рали“ е и јапонски сленг за користење психоактивни супстанци, па така „куферите“ можеби и не биле толку празни, колку алатки за канализирање на огромната волтажа која ја подразбира музиката на бендот.
Со оглед на непостоење на официјални албуми, обожавателите на бендот се претвориле во следбеници на култ кој особено живнал кога на музичките блогови од 2000-тите се појавиле мп3-ки, зад чие аплоудирање наводно стоел самиот Мицутани. Сега, интересот за овој опскурен бенд се очекува да биде дополнително поттикнат со издавање на 50 години стар материјал во живо под наслов „Снимките од ОЗ“, кој е достапен во физички и во дигитален формат.
Во 1970 оригиналниот басист на бендот помагал во грабнување на лет на Јапан Ерлајнс кој го организирал Комунистичката лига, јапонска марксистичка студентска организација. Авионот бил пренасочен кон Северна Кореја, каде грабнувачите сметале дека владее социјалистички рај, а таму се до ден денес. Фронтменот Мицутани пак починал во 2019, но за тоа се дознало дури во 2021, преку тогаш нововоспоставената и прва официјална веб-страница на бендот. И да сакате, и да не сакате „нојз рок“, вреди да се слушне како звучеле.