Mајкл Левин е развоен и синтетички биолог на Универзитетот Тафтс во Масачусетс и автор на студија за лигави габи кои можат да решаваат проблеми. Во времето кога прв пат се појави во научно-популарните списанија, дел од колегите и секогаш упатените медиуми го критикуваа за „антропоморфизација“ на едноклеточните организми, односно за пресликување на човечки карактеристики на сè, па и на нешто што очигледно не може да биде човек. Неговата одбрана беше - дали можеби зборот означува дека луѓето имаат некаква магиска моќ која не можат да ја имаат други суштества? Нели е тоа малку пред-научно мислење?
Студијата укажа на тоа дека лигавата габа, суштество без мозок наречено Physarum, детектира знаци во својата околина и донесува одлуки за тоа каде да расте. Таа наводно е способна да создаде слика на светот околу неа користејќи некој вид сонарен (аудио) детектор. Опкружена е со некој вид желатин кој вибрира при каква и да е механичка активност, што на габата ѝ укажува дали е опкружена со помали или поголеми предмети и потоа носи одлука во кој правец ќе „лази“, одбирајќи ги нештата со поголема маса.
Според Левин, отфрлањето на ваквата активност како „мислење“ повеќе зборува за психолошки проблем кај луѓето кои не сакаат други суштества да прават нешто што наводно човекот го прави најдобро. Плус, ова отвора семантички (лингвистички) проблем, бидејќи ако тоа не е мислење (процесирање информации, решавање проблеми и донесување одлуки), тогаш како ќе се дефинира она што го прават човечките мозоци кога мислат?
Јасната демаркација помеѓу неинтелигентен и интелигентен живот е многу полесна за прифаќање. Но според Левин ова научно (веќе) не е можно, бидејќи мозокот не е единственото интелигентно нешто во човечкото тело. „И клетките мислат, ако земеме предвид дека мислењето е континуиран процес. Дали мислат како луѓето? Не. Дали ги имаат истите надежи и соништа? Апсолутно не. Но дали вршат некоја мала верзија на она што го правиме? Секако да. Сите клетки во нашето тело го прават тоа“.