Во Глиптотеката Ну Карлсберг, уметнички музеј во Копенхаген, се наоѓа голема збирка старогрчки и римски скулптури. Но истовремено музејот располага со назотека, во која се чуваат различни форми и величини на носеви (и по некое „избегано“ уво), а кои служат како доказ како еволуирала конзервацијата и реставрацијата на ваквите уметнички дела.
Ан Мари Нилсен, кураторка задолжена за грчката и римска уметност во оваа институција, вели дека носот е една од најранливите елементи на една скулптура. Уште пред 20 години во нејзиниот музеј имало полни кутии со носови, па незнаејќи што со нив таа и нејзините колеги одлучиле да ги групираат и да ги изложат такви какви што се - без нивните вистински сопственици, скулптурите на кои им припаѓаат. Спојувањето на најден нос со делото на кое му припаѓа е речиси невозможно, па наместо да нагаѓаат и со сила да ги лепат таму каде што можеби не припаѓаат, тие решиле да ги изложат посебно.
Но ваквиот пристап е исклучок во историјата на музеологијата и приватните колекции. До крајот на 19 век функцијата на античката статуа била да изгледа добро во нечија градина или во јавниот простор, а оние кои биле некомплетни (на кои им фалел, на пример, нос) не спаѓале во „убавите“. Затоа ним им биле правени реплики на носеви, од мермер или гипс, што додавало и на изгледот, но и на цената.
Ваквата практика престанала во 20 век, кога кураторите почнале да ги отстрануваат лажните носеви, оставајќи ја оригиналната статуа недопрена од „новото“. Најчестото прашање кое денес го поставуваат посетителите на назотеката е како воопшто се случува да отпадне нос од статуа, и дали можеби ова е правено намерно од страна на туѓи војски или вандали. Но најчестата причина е сосема природна - лице што паѓа на нос (макар било и од камен) прво го крши токму носот. Ако е стара а сепак го има или имала неверојатна среќа, или на неа не е се толку античко колку што се претставува.